Почнува обештетувањето на осигурениците од вториот столб
Foto

Почнува обештетувањето на осигурениците од вториот столб

Трансферот за обесштетување на осигурениците чии средства не биле префрлани во вториот пензиски столб треба да почне денеска, а првата исплата ќе опфати 4.926 осигуреници.

Како што информираше ресорната министерка Мила Царовска, покрај првата исплата на 4.926 осигуреници, задолжителното префрлување согласно новата законска регулатива на 11.319 членови од вторите друштва кон првите веќе тече. Двата трансфера треба да завршат до крајот на месецов.

Царовска викендот обелодени дека на 12 илјади осигуреници на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се во двостолбниот пензиски систем, повеќе години не им биле префрлани средства во вториот столб, по што вчера Министерството за труд и социјална политика достави кривична пријава против непознат сторител до Основното јавно обвинителство. Покрај пријавата, доставени се и сите документи од анализата на пензискиот систем со која се откриени неправилностите при распределбата на средствата.

Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, пак, вчера преку соопштение наведе причини поради кои, како што вели,  не се распределени осигуреници во вториот пензиски столб.

Според анализите, најголем број нераспределени осигуреници се осигуреници на кои приемот во осигурување им е во периодот од 2003 до 2007 година, а не од 2009 и 2010 година. Ненавремената распределба на осигурениците, велат од Фондот, исто така, се должи и на честите и брзи законски измени што предизвикаа дестабилизација на процедурите за зачленување и распределба, како што бил случајот со измените на Законот со кој договорите за дело се воспоставија како основ за прием во осигурување, како и измените на Законот со кои се предвиде ослободување од плаќање на придонесите за определен период и определни осигуреници (субвенционирани осигуреници)

– Од вкупниот број на околу 12.000 нераспределни осигуреници, за повеќе од 4.000 осигуреници, воопшто нема уплата на придонес од страна на работодавачите. За нив е евидентиран само прием во осигурување и за нив нема последици во однос на сметката во вториот столб бидејки немало уплати на придонес. Мора да се потенцира дека сите нераспределни осигуреници во вториот столб, се евидентирани како осигуреници членови само на првиот столб и нивните уплати на придонесот се користени за потребите на Фондот, како што се користи и придонесот кај останатите осигуреници кои според законската регулатива се членови само на првиот столб, информираа од Фондот за ПИОМ.

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) дека ќе ги информира членовите во пензискиот систем за нивната распределба во соодветните пензиски фондови и за средствата што ќе им бидат пренесени на нивните индивудуални сметки, вклучувајќи го и надоместот за ненавремената исплата.

Таа во гостувањето на телевизијата 24 вести посочи дека не е точно тврдењето дека пензиите нема да растат. Порсечната пензија, посочи Царовска, од декември 2017 до декември 2018 година е порасната од 13.954 на 14.445 денари.

-Во изминатата година докажавме дека пензиите растат и тоа ќе биде случај и оваа година. Пензионерите може да бидат апсолутно спокојни. Реформата која ја правиме е избалансирана, до неа дојдовме преку темелни анализи грижејќи се да не оштетиме никого. Со неа го намалуваме дефицитот во ПИОМ за 2 милијарди годишно, но без радикални мерки како замрзување на пензии или покачување на старосната граница, рече Царовска. Таа истакна дека Владата покрај реформата во пензискиот систем воведува и социјлана пензија од која корист ќе имаат околу 6.000 граѓани кои во моментов немаат никакви примања.

0 Коментари

Остави коментари