Почнува наградната Мој ДДВ #Моја награда учествуваат и фискални на кои нема пресметан ДДВ
Foto

Почнува наградната Мој ДДВ #Моја награда учествуваат и фискални на кои нема пресметан ДДВ

Со слоганот „Секоја фискална сметка е важна“ од денеска почнува наградната игра Мој ДДВ #Моја награда. Граѓаните може да ги скенираат сите сметки, дури и оние на кои е изразено нула денари ДДВ, а кои ќе учествуваат во наградната игра.

Наградниот фонд е половина милион евра, а ќе се доделат 3852 парични награди на дневна, месечна и две главни награди.

На дневна основа ќе се доделуваат четири награди по 1000 денари, три награди по 2000 денари и три награди по 3000 денари. Наградите ќе се влечат електронски, известувањето ќе се добива веднаш по скенирање на сметката, а граѓаните средствата ќе ги добијат на трансакциска сметка.

На месечно ниво предвидено е доделување 15 награди по 100.000 денари. Ќе учествуваат фискални сметки во периодот на еден месец од едно до друго извлекување. Нема да учествуваат фискални сметки што веќе биле добитни на дневна награда. Датумите на извлекување се веќе објавени, а првото ќе стартува на 4 јануари, веднаш по лото извлекувањето што се емитува на Канал 5 телевизија.

Доделувањето на главните награди од по 3.000.000 денари ќе се одвива во посебни емисии на 18 март и 19 декември 2020 година.

Наградната игра ќе трае една година до 14 декември 2020 година, а според министерката за финансии Нина Ангеловска ќе даде резултат во намалување на сивата економија.

– Граѓаните кои скенираат фискални сметки ќе имаат трикратна корист. Ќе имаат шанса да добијат една од 3852-те награди во вкупен фонд од половина милион евра. Ќе добиваат поврат на ДДВ и ќе придонесуваат во борбата против сивата економија која во нашата држава изнесува една третина, рече министерката за финансии на прес-конференција на која го најави стартот на наградната игра.

За учество во наградната игра најпрво граѓаните треба да се регистрирани на системот е-Персонален данок, да се корисници на апликацијата МојДДВ, каде се појавува известување за наградната игра при што треба да се прифатат условите за учество.

Во тек е првата исплата на поврат на ДДВ на граѓаните за месеците јули, август и септември, откако почна наградната игра.

0 Коментари

Остави коментари