Почнува 45.Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“
Foto

Почнува 45.Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

Со дефиле на учесниците низ центарот на Прилеп и со првата фестивалска вечер на бината на плоштадот во Прилеп вечер ќе биде отворен 45.Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

Повеќе од 300 учесници од државава и гости од Бугарија, вечер и утре на Рудина кај Долнени ќе ја претставата својата умешност на изведување изворни песни и свирење на изворните инструменти гајдата, кавалот, тапанот, ќемането со што ќе го претстават раскошниот македонски фолколор кој со векови се чувал и се негува, беше истакнато на денешната пресконференција за Фестивалот.

Според Златко Лашкоски, секретар на фестивалот, на дефилето ќе учествуваат околу 250 учесници.

– Вечер ќе се претстават дел од учесниците, како што е традицијата на Фестивалот во Прилеп, а утревечер на Рудина кај Долнени, лулката на гајдаџиството. Утре претпладне во прилепскиот Дом на културата ќе се одржи симпозиум во чест на јубилејот со еминентни предавачи-професори, етномузиколози за  Фолклорот во минатото и денес. Така е насловен  и зборникот на трудови што ќе биде промовиран. Всушност, Фестивалот трае од понеделникот преку семинарот за изучување на народните иснтрументи и песни на кој 13-тина млади деновиве истражуваа, изучуваа и го усовршуваа музицирањето на народните иснтрументи, рече Лашкоски.

Уметничкиот директор, професор д-р Родна Величковска вели дека работејќи на теренот изминатите месеци и контактирајќи со изведувачите за да се направи селекцијата за учество на фестивалот, забележливо е дека секој дел од државава има свои особености во фолклорот, што е цело богатство, а го негуваат и возрасните и младите.

– Имаме учесници од пет шест години, па и до преку 80 години. Имаме учесници кои за првпат се појавуваат на Фестивалот, има млади таленти кои со голема љубов и интерес го негуваат изворниот мелос. Задоволство е да се слушнат изведувачите кои ја одржуваат фолклорната богата традиција, рече Величковска.

Претседателот ан Собранието на Фестивалот Илчо Јованов нагласи дека четири и пол децении се одржува идејата, духот на творецот на фестивалот, големиот гајдаџија Пеце Атанасовски.

– Целта на Фестивалот е да се негува традицијата, а тука е изворот на богатато фолклорно наследство. Пеце Атанасовски имаше голема визија и педагогија во себе, сето тоа изворно богатство да се чува, да се негува. Тој го постави темелот. Многу генерации ја прифатија таа љубов на Пеце Атанасовски. Се создадоа големи гајдаџии и инструменталисти. Потоа се надгради институционално, народните инструменти се изучуваат во средното училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а на Музичката академија во Штип има отсек за етнокорелогија. Има прекрасни млади кои изучуват со љубов, изјави Јованов.

Захаринка Милосављевиќ, член на жирито кое ќе ги оценува и ќе ги награди најдобрите изведувачи на фестивалот и ќе ги додели Гран при наградата на Фестивалот и „Гајдата на Пеце“, смета дека изворниот мелос е препознатлив код на македонскиот народ.

– Пеце Атанасовски остана столб на народното творешто, на изворните народни иснтрументи и песни кои за нас, за нашито народ и за нашата држава претставуваат препознатлив код со кој се гордееме, рече Милосављевиќ.

На отворањето на фестивалот ќе има и видеопромоција на Бојан Петковски, дипломиран студент на Факултетот за музичка уметност. Видеопромоцијата е за Лазарките од Долни Полог.

Во почетокот Фестивалот не доби средства од Министерството за култура, па со ревизијата му беа доделени 300.000 денари, кои сѐ уште не се пристигнати. Како што нагласи Весна Атанасовска Вучиќ, член на Собранието на фестивалот, потртебна е континуираната поддршка.

– Речиси секогаш Фестивалот „кубурел“ со средства. Ја има поддршката од локалните самоуправи на Прилеп и на Долнени, особено од Прилеп кои го печатеа и Зборникот. Но, за да биде Фестивалот со реномето кое го заслужува, треба да ја има поголемата поддршка на државните институции, а и ажурност на организаторот и на сите учесници, рече Атанасовска Вучиќ.

На втората фестивалска вечер, утре на Рудина кај Долнени ќе бидат прогласени ни наградени најдобрите изведувачи. 

0 Коментари

Остави коментари