По 19 години, заврши учеството на Армијата на Северна Македонија во мировната мисија во Авганистан
Foto

По 19 години, заврши учеството на Армијата на Северна Македонија во мировната мисија во Авганистан

Заврши последната ротација на припадници на Армијата на Република Северна Македонија во Авганистан. Нашите мировници се вратија дома, а со тоа заврши и скоро две декади долгото учество на Армијата во мисиите на НАТО - „ИСАФ’’ и  „Одлучна поддршка’ во Авганистан, соопшти Министерството за одбрана.

Во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ во Авганистан, на различни позиции и со различни задачи. Македонските војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови. Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови.

Северна Македонија во ИСАФ соработуваше со поголем број на партнери, денеска  сојузници – САД, СР Германија, Турција, Обединетото Кралство, Норвешка, Грција, Чешка, Франција, а офицери испраќавме и како дел од земјите на Јадранската повелба А3 со Албанија и Хрватска, односно подоцна и земјите од групата А5.

Од 2015-тата година, припадниците на Армијата даваа свој придонес во мисијата- наследник, „Одлучна поддршка“ и тоа со 500-тини припадници, распоредени во Командата за обука, советување и асистенција - главен град Кабул, под команда на Турција; потоа во Командата на мисијата предводена од САД, со задача обезбедување на командата; во тим за советување во командата - Север предводени од СР Германија; во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА - Север и во хирирушки тим во норвешката Role-2 болница, во соработка со Кралството Норвешка.

Северна Македонија ги повлече своите војници од Авганистан, во согласност со одлуката на сите земји-членки на Алијансата за завршување на мисијата „Одлучна поддршка“.

По повод завршувањето на учеството на Армијата во Авганистан, денеска во 10.50 часот, во касарната „Илинден“ ќе се одржи свечена церемонија на која ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски и министерката Радмила Шекеринска. На свечената церемонија ќе присуствуваат началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски, амбасадорите на САД Кејт Брнс и на Турција Хасан Мехмед Секизкок, генералите во Армијата и претставници на Воено - дипломатскиот кор.

0 Коментари

Остави коментари