Платежни картички за луѓе без примања
Foto

Платежни картички за луѓе без примања

Веб-страницата – www.kupuvamdomasno.gov.mk, на која треба да се објават списоците на граѓаните кои ќе имаат право на платежна картичка, и денеска не работи. Граѓаните, учениците и студентите сѐ уште не знаат каде и како треба да ги подигнат парите што ги најавува Владата, како помош во овој период на корона кризата, а со кои ќе може да се купуваат само домашни производи и услуги.

Пред Агенцијата за невработени, дел од граѓаните кои ги затекнавме велат дека не се запознати со мерката и не знаат како ќе ги добијат парите. Директорката на Агенцијата вели дека невработените не треба да аплицираат за платежна картичка, зашто тие веќе ги доставиле списоците до УЈП.

„Ние го подготвивме и го доставивме списокот до УЈП согласно со датумот што беше во уредбата. Се уште оние што се до пред вонредната состојба статусот им е ист. Не мора и не треба да доаќаат да се пријавуваат.“ - вели Билјана Јовановска, директор на АВРМ.

Министерката за финансии уверува дека уште вечерва списоците со лица кои ќе имаат право на платежна картичка ќе стигнат до Генералниот секретаријат во Владата, а од таму и кај деветте банки кои се согласиле да бидат дел од програмата.

„Очекуваме во следниве денови, утре или најдоцна задутре ќе биде објавена листата на страницата „купувајте домашно“, каде што сите граѓани ќе ги има наведено со име и презиме и која банка ќе им издаде платежна картичка. На страната има поле секој граѓанин да го внесе матичниот број за да види колку поддршка му следува.“ - изјави Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Картичките ќе треба да стигнат до граѓаните надоца до 3 јули, а парите ќе треба се потрошат до крајот на месецот.

Според проценките на Министерството за финансии, платежни картички ќе добијат 300 илјади граѓани, за што ќе се потрошат околу 25 милиони евра.

0 Коментари

Остави коментари