„Плацеви на Водно“ - Камчев позитивен, обвинителството бара цврст доказ
Foto

„Плацеви на Водно“ - Камчев позитивен, обвинителството бара цврст доказ

Коронавирусот повторно го одложи судењето за случајот „Плацеви на Водно“ - Овојпат позитивен бил обвинетиот Орце Камчев. Иако позитивен според брз антигенски тест направен вчера во „Систина“, Камчев дојде во судницата.

Присутен бил, затоа што немал добиено Решение за изолација. На судењето се појави и неговата мајка, Ратка Камчева која исто така е обвинета, а која имала решение за самоизолација. 

Обвинителката Лиле Стефанова се противеше на одбраната. Таа смета дека тестот на Камчев не покажал дека тој е позитивен, туку дека некогаш имал контакт со вирусот.

„Тестот кој е направен вчера покажува дека лицето некогаш имало контакт со вирусот, а не дека е позитивно на вирусот“, рече Стефанова.

Еден од петмината адвокати на Камчев, Гоце Ристовски посочи дека тој бил во контакт со заразено лице, а се тестирал поради симптоми на вирусот.

„Обвинетиот Јордан Камчев со симптоми на висока температура доби боледување од матичен лекар, при што е извршено тестирање и вчера кај него е детектирани присуство на Ковид 19 на брз антигенски тест на Ковид 19. Согласно Уредбата на Владата предвидена е задолжителна самоизолација, а овие околности се познати и на Јавниот обвинител. Иако обвинетиот Камчев согласно Уредбата треба да е во самоизолација, а тој е присутен исклучиво по ценење на одбраната и негово лично од причина што се уште нема Решение за самоизолација“, рече Ристовски.

На судењето не дојдоа ниту сведоците Коце Трајановски, Дејан Митровски - Урко и Александар Бичиклиски. Одбраната за нив кажа дека имале информација дека судењето ќе се одложи.

Случајот „Плацеви на Водно“ неколкупати се одложува со образложение дека некој е позитивен на коронавирусот. Првпат, лани во ноември, а пред две недели позитивни тестови приложија обвинетиот Сашо Мијалков, но и тројца адвокати: Петар Василев, бранителот на Мијалков, Гордана Гацева, адвокатка на Ненад Јосифовиќ и бранителот на Камчев, Гоце Ристовски, сите во исто време.

0 Коментари

Остави коментари