Писонеро: Ако не го победиме Порто в недела, бодовите од Монпелје ништо нема да ни значат
Foto

Писонеро: Ако не го победиме Порто в недела, бодовите од Монпелје ништо нема да ни значат

Европскиот првак, Вардар, в недела ќе го одигра првиот домашен натпревар во новата сезона од ракометната Лига на шампионите. Противник е Порто, екипа која нема звучни ракометари и високо реноме, но која знае да биде многу опасна. Во првото коло, Порто губеше со осум разлика од Мешков Брест, на крај успеа да слави, благодарение на играта „седум на шест“ во нападот. 

Оттука, тренерот на Вардар, Давид Писонеро и неговите играчи ќе влезат внимателни во овој натпревар, но со императив за нови два бода, откако сезоната ја отворија победнички, во Монпелје.

- „Мислам дека ова ќе биде тежок и важен меч за нас. Во првото коло го совладавме Монпелје, освоивме два важни бода, но ако не победиме во недела, тие нема да значат ништо. Екипата на Порто е една од најдобрите екипи во светот што играат 7 на шест, така што ќе видиме како ќе се справиме со тоа. Ќе биде тежок натпревар и тој стил на игра сигурно ќе биде несекојдневен за нас, бидејќи не играме против такви екипи“, изјави Писонеро.

Неговиот тим неделава го анализираше Порто, но имаше и друга обврска, Суперкупот против Металург, кој го доби рутински и со резервни сили.

- „Ние имавме тешка недела, не беше лесен натпреварот со Металург во суперкуипот, моравме и за него да се подготвиме. Беше важно да победиме, но и да ги поштедиме играчите кои ќе треба да играат в недела. Сите оние што не играа, Скубе, Чупиќ, се здрави, но морав да ги поштедам“, истакна Шпанецот.

Тимур Дибиров додаде колку екипата е нестрплива повторно да одигра пред својата публика и да ѝ возврати со прва домашна победа во ЛШ. Но и тој предупреди на играта „7 на 6“ на Португалците.

- „Секогаш сме многу возбудени од почетокот на ЛШ, особено кога го играме првиот натпревар дома и тоа како европски првак. Тоа е посебно чусрвво. Очекувам дека салата ќе биде полна, дека публиката ќе дојде да нè поздрави, a дека ние ќе одговориме со добра игра. Знаеме дека ќе биде тешко без разлика дали е Порто, Кил или Келце. Но, сите знаеме како играме во Скопје. Малку е комплицирана таа игра 7 на 6 на Порто, но тоа треба да го тренираме, да се навикнеме, гледаме и видео-анализи. Го гледавме натпреварот на Порто против Мешков, таков камбек е сериозна работа. Повторно ќе речам, 7 на 6 е многу комплицирана тактика, ако екипата влезе во ритам. Ние во Скопје сме имале 2-3 порази во последниве години, а еден од нив беше од Рајн-Некар. Во манхајм ги размонтиравме, ама во Скопје ни играа така и не можевме да се справиме. Мора да бидете многу концентриран за да играте против таква тактика. Да не бидеме глупави и да правиме грешки, се надевам дека ќе учиме на туѓите грешки. Така што, се подготвуваме за таков натпревар, да можеме да го издржиме тоа темпо цел натпревар, па ќе видиме“, рече Дибиров.

Натпреварот Вардар – Порто се игра в недела од 17 часот.

0 Коментари

Остави коментари