Пет нови компании бараат од Царината да станат овластен економски оператор
Foto

Пет нови компании бараат од Царината да станат овластен економски оператор

Пет компании треба да добијат одобрение од Царинската управа за овластен економски оператор. Барањата, како што велат од Царината за МИА, се во обработка и немаат согласност да ги објават нивните имиња.

Кога овие пет барања ќе бидат одобрени од Царинската управа и ќе станат овластени економски оператори ќе им се придружат на двете компании што веќе имаат добиено одобрение за овластен економски оператор, Европа АД Скопје, која е овластен економски оператор од 5 јануари годинава, и Фершпед АД Скопје од 13 февруари годинава.

Добивањето на лиценцата за компаниите значи олеснети процедури при царински контроли, односно ќе имаат поедноставни, побрзи и поевтини постапки.

Преку овластениот економски оператор се олеснува и се забрзува меѓународната трговија и царинските постапки се одвиваат со минимум потребно време само за проверка на документи и дека се намалуваат и трошоците за економските субјекти.

Придобивките на компаниите со стекнување статус овластен економски оператор се бројни, од аспект на олеснување и забрзување на трговијата, промовирање на извозот и економскиот раст.

Се очекува бројката на лиценцирани овластени оператори во земјава да достигне до 150.

Компаниите што се стекнуваат со статус овластен економски оператор ги задоволуваат предвидените законски критериуми и се сметаат за безбеден и сигурен партнер во трговскиот синџир на снабдување.

Концептот на овластен економски оператор се занова на партнерство меѓу Царината и деловната заедница што е воведен од Светската царинска организација и прифатен во дополнителниот протокол пет со што се измени ЦЕФТА-договорот. Статусот на овластен економски оператор е меѓународно призната марка за квалитет што укажува на тоа дека економските оператори во РМ, како што се производители, извозници, увозници, шпедитери и транспортери, во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни и дека нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.

Концептот функционира во земјите членки на ЦЕФТА, а понатаму и во земјите на ЕУ.

0 Коментари

Остави коментари