Пендаровски се откажува од привилегиите по истекот на мандатот
Foto

Пендаровски се откажува од привилегиите по истекот на мандатот

Претседателот Стево Пендаровски, по истекот на мандатот нема да ги користи привилегиите кои му следуваат по закон. За тв24 од неговиот кабинет велат дека Пендаровски ќе се откаже од правото на користење на Кабинет со соработници и од доживотната претседателска пензија.

„По истекот на мандатот претседателот смета дека би требало да му се обезбеди просторија во некоја од државните институции каде како поранешен претседател би ги извршувал протоколарните активности.“ - велат од Кабинетот на претседателот. 

Предлогот за намалување  на бенефициите на поранешните претседатели ја покрена Антикорупциска, откако трошоците ги оцени како непродуктивни. Според нивните пресметки, Ѓорѓе Иванов и Бранко Црвенковски на пример, годишно имаат на располагање над 100 илјади евра за работни канцеларии, шофер, обезбедување, соработници и претседателска пензија. 

„Мислам дека треба да има подобра анализа за она што добиваме како држава со користење на поранешните претседатели, а што губиме со продолжувањ на привилегиите.“ - вели политикологот Миша Поповиќ од Инситутот за демократија. 

Според дел од политиколозите треба да се направи разграничување меѓу трошоци,  привилегии и нивна злоупотреба, а пред се да се оцени која е улогата и потребата од функцијата екс претседател.

„Ако ни е потребна, тогаш треба да најдеме некаква пресметка колку можеме и колку треба како држава да дадеме пари за таа функција поранешен претседател. Иванов на пример е од скоро поранешен претседател и не можеме да кажеме како ќе ја обавува функцијата поранешен претседател, но за Црвенковски не видовме некоја особено голема, постфункционерска дипломатска улога“- вели Поповиќ. 

Владата вели без законски измени нема намалување на привилегиите,  а за реформите, клучна е политичката волја. Од владејачката СДСМ чекаат да ја разгледаат иницијатива за да излезат со став. Сепак, потенцираат дека евентуални законски измени не би можеле да делуваат ретроактивно, туку само би ги опфатиле идните претседатели.  

„Нашиот почитички принцип е помалку привилегии за функционерите, а повеќе за граѓаните. Ќе ја разгледаме иницијативата на ДКСК, но тука треба да се види правниот апскет, сепак станува збор за веќе стекнати права.“ - велат од СДСМ. 

За опозицијата пак, иницијативата на Антикорупциска е обид за дефокус на јавноста, а став за идејата најавија, откако ќе ја разгледаат. 

„ДКСК сама презеде случаи како Леонардо и Тополки каде главни ликови се Генерален сектетар на Влада Драги Рашковски и вицепремиер Кочо Анѓушев, а тие предмети се влечат со месеци. Со тоа ДКСК остава впечаток дека се занимава и отвора прашања кои што во моментов делуваат во функција на дефокус на јавноста, со што се руши имиџот на оваа институција од која што се очекуваше да даде свој голем придонес во борбата на општеството со криминалот и високата корупција во власта.“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ. 

Предлог закон за ограничување на бенефициите подготвува и Демократскиот сојуз, од каде предлагаат бенефициите на претседателот да се ограничат на една година од истекот на мандатот. Освен тоа, до институциите ќе стаса и граѓанска петиција за укинување на правата за бенефиции на сите избрани функционери, од аспект на апанажа, службени возила, патни трошоци. Според сегашните закони, пратениците по завршување на мандатот имаат право на апанажа во рок од една година по истекот на мандатот, а претседателските привилегии пак, се доживотни.

0 Коментари

Остави коментари