Пендаровски не го потпиша законот за легализација на дивоградбите

За дивоградбите да станат легални се обединија 72 пратеници, од власта и опозицијата, но нивната идеја наиде на оспорување. Шефот на државата, Стево Пендаровски не го аминува законот за легализација на дивоградбите со објаснување дека текстот на законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот.

Во објаснувањето на претседателот Пендаровски се наведува и тоа дека со овој закон се стимулира непочитување на правните прописи.

„Фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, коешто е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност “. се вели во образложението на претседателот Стево Пендаровски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара од претседателот на државата, Стево Пендаровски да се изјасни што го мотивирало да не го потпише законот.

„Можеби треба него да го прашате зошто се одлучил за тој чекор да не го потпише овој закон кој што дошол кај него а потпишаа во минатото многу, многу поштетни закони и за економијата и за граѓаните но и за националните интереси.“ - вели претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.  

Од антикорупциска, уште пред да се изјасни шефот на државата, најавија оспорување на законот пред Уставен суд. Од таму велат дека со овој закон за легализација на дивоградби се уништува правниот систем во државата. Истиот не бил доставен до нив да го разгледаат пред да се испрати во Собрание на гласање. 

„Во деловникот на владата содржан е член со кој што Владата се обврзува важни закони да ги доставува до антикорупциската комисија за да изврши антикорупциска проверка пред да се достави до Собранието меѓутоа не беше доставен овој закон  и до сега нема Владата доставено закони, мислам дека треба таа пракса да се воспостави затоа што е многу важна – но како и да е, ни останува правото тоа да го направиме и да ја поднесеме  иницијативата до Уставниот суд , па уставните судии нека вржат оценка.“ - вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Дел од пратениците го оспорија законот бидејќи сметаат дека е против уставен и дека со овој закон се амнестираат сите претхони постапки за кои е утврдено дека е сторено кривично дело. Особено со член 41. 

„Овој член се доведува во колизија, односно судир со членовите  кој што ги содржат казнените одредби од самиот Закон за градење. Но, и во самиот кривичен законик. Што понатаму го доведува во етер прашањето дали ќе треба ние овие суштински закони кој што гарантираат, и се гаранција во правосудниот систем да ги менуваме, усогласуваме со законот за бесправно изградени објекти.“ - вели пратеничката, Моника Зајкова. 

Од палатата на Водно писмото со потпис стигнало во законодавниот дом. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во телефонски разговор рече дека до 11 јуни, процедурално во Собранието, ако 61 пратеник се изјасни со „ЗА“, тогаш претседателот Стево Пендаровски е должен да го потпише Законот за легализација на дивоградбите.