Пендаровски бара признавање на МПЦ од Вселенската патријаршија
Foto

Пендаровски бара признавање на МПЦ од Вселенската патријаршија

Нашите православни граѓани да бидат еднакви со останатите православни христијани во светот, побара шефот на државата од Вселенскиот партијарх, Вартоломеј. 

Во писмо, кусо и јасно, Стево Пендаровски го извести првиот епископ во православниот свет дека Македонија решила да ја остави зад себе историјата и бара признавање на црквата. 

„Би сакал да упатам барање до Вашата Светост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата Црква, да го употребиле своето апелационо право, со што нашите сограѓани од православна христијанска вероисповед, конечно ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот“ - се вели во дел од писмото. 

Ова писмо е добар потег, порачуваат од МПЦ. Немало официјални средби меѓу претставници од црквата и Пендаровски, но е добро што државниот врв сака да го реши ова прашање, вели во телефонски разговор портпаролот на МПЦ, Отец Тимотеј. 

„Jaс лично не сум имал средба и мислам дека немало таква официјална средба. Но, за поздравување е тоа писмо затоа што вселенскиот Патријарх има таква надлежност, признавање на МПЦ во православниот свет“ - вели отец Тимотеј.

„Писмото не е изненадување во овој политички моментум, државниот врв се подготвува да ги реши сите отворени спорови пред почетокот на преговорите со ЕУ“, смета професорот и поранешен претседател на Комисијата за односи со верски заедници, Цане Мојаноски. 

Односите на релација Скопје - Софија деновиве се вжештија по провокацијата на Бугарија која испрати меморандум до ЕУ со кој го негира македонскиот идентитет и јазик. Пред три години Светиот синод на МПЦ испрати писмо до БПЦ во кое побара од неа да се застапува за нашата црква, како мајка-црква и да ја признае автокефалноста.

Отец Тимотеј за ТВ24 потврди дека односите со бугарската црква не се одвиваат на исто интензивно ниво како претходно. Писмото на Пендаровски не значи запоставување на бугарската црква, ниту потценување, вели Тимотеј. 

„Не можам да ја коментирам релацијата со Бугарија, ние немаме интензивна комуникација, но сметам дека стои и ја поддржува се уште МПЦ, надвор од сите политички случувања. И корона кризата си го направи своето, сепак таква комуникација не може да се одвива телефонски“ рече отец Тимотеј.

Автокефалноста на македонската православна црква е прашање отворено 70 години. Пред две години и Зоран Заев како премиер испрати вакво писмо со кое бара од Вартоломеј признавање на македонската црква, а во јануари годинава Спасовски и Заев во Истанбул се сретнаа со Вартоломеј. 

Првите сигнали од православниот свет за можно признавање на автокефалноста на МПЦ почнаа да пристигнуваат веднаш по Преспанскиот договор и промената на името.

0 Коментари

Остави коментари