Павлова: Важно е да се зачува поддршката кон ранливите категории и најпогодените компании од руско-украинскиот конфликт

Важно е да се зачува поддршката особено кон граѓаните со ниски приходи кои поголем дел од својот буџет го трошат за храна и енергија и кон компаниите кои се најпогодени од најновиот шок предизвикан од руско-украинскиот конфликт, порачува потпретседателката на Европската инвестициска банка одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова во интервју за МИА.

Во интервјуто направено во пресрет на нејзиното доаѓање во земјава по повод 30-годишнината од монетарната самостојност, Павлова оценува дека покрај ценовните ефекти од руско-украинскиот конфликт, некои држави од Западен Балкан како што се Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија може да бидат дополнително погодени бидејќи се главно зависни од рускиот гас. Многу е веројатно, вели Павлова, дека ценовните притисоци ќе бидат поупорни од претходно предвидените.

– Друг важен канал е трговијата, каде што иновативните и побрзо растечките фирми најверојатно ќе бидат повеќе погодени. Конечно, приходите од туризмот од Русија се релевантен извор на приход, особено за Црна Гора. Севкупно, многу е веројатно дека ценовните притисоци ќе бидат поупорни и повисоки од претходно предвидените и затоа би сакала повторно да ја изразам мојата поддршка за политичките мерки што ги штитат најранливите, вклучително и бегалците, вели Павлова.

Според неа, шокот генериран од руската окупација на Украина има потенцијал да му нанесе значаен удар на долгоочекуваното закрепнување по пандемијата и затоа меѓународните финансиски институции и влади треба да бидат подготвени да дејствуваат уште посилно доколку е потребно.

Посочува дека во поновите прогнози се очекува економиите во Западен Балкан да пораснат за нешто над три проценти, што, според неа, е значителна надолна ревизија во споредба со предвоените проекции.

Во интервјуто, што во целост е пренесено подолу, Павлова порачува дека сегашната криза треба да се гледа како можност за решавање на долгогодишното прашање на климатските промени затоа што војната во Украина покажала дека потребата од обновливи избори на енергија, енергетската ефикасност и технолошките иновации се поклучни од кога и да било досега. Павлова зборува и за монетарните политики водени во изминатите 30 години, оценувајќи дека Северна Македонија постигнала значителен напредок. Открива и дека на конференцијата што ќе се одржи во Скопје по повод 30 години монетарна самостојност во Северна Македонија ќе бидат разгледани клучните предизвици на регионалните економии.

По пандемијата, руско-украинската криза е нов шок за глобалната економија. Владата во Северна Македонија усвои пакет од 26 мерки во износ од 400 милиони евра со цел зачувување на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Како ги гледате ефектите од мерките усвоени за време на кризата со Ковид-19 и каде ги гледате ризиците доколку економиите од Западен Балкан продолжат да усвојуваат нови пакети за финансиска помош во контекст на моменталната ситуација?

– Поддршката на политиката за време на пандемијата е најважна за заштита на компаниите и банките, како и за заштита на животниот стандард на граѓаните, вклучително и во Северна Македонија. Според последното истражување на претпријатијата за Северна Македонија, две петтини од претпријатијата биле привремено затворени за време на Ковид-19, додека 70 проценти од нив доживеале намалена ликвидност или достапност на проток на готовина. Тешко е да се замисли што ќе се случеше доколку политичките интервенции на локално и меѓународно ниво не беа толку поддржувачки. Во Северна Македонија, тоа се движеше од трансфери во готовина до одложувања на плаќање, пристап до нови кредити и субвенции за плати. Дополнително, банките од полугодишната Анкета на ЕИБ за кредитирање на банките сигнализираа силно искористување на политичките мерки. Севкупно, беа спречени големи стечаи, а компаниите, банките и домаќинствата можеа да го надминат овој огромен шок.

Директна последица на овие активности беше зголемувањето на јавниот долг. Со оглед на новата трагична ситуација во Украина, важно е да се зачува насочената поддршка на политиката, особено за најранливите групи. Битно е од една страна да се заштитат луѓето со пониски приходи, кои трошат поголем дел од својот буџет за храна и енергија, а од друга страна и компаниите коишто директно или индиректно се повеќе погодени од шокот, особено повеќе извозно ориентираните и иновативните фирми. Конечно, одреден број бегалци кои ќе бараат засолниште во регионот треба да бидат добредојдени и заштитени. Секако, како што шокот слабее, ќе биде потребен јасен пат на фискална консолидација, во согласност со препораките од нашите партнери.

Инфлацијата расте на глобално ниво. Според официјалната статистика, трошоците за живот во Северна Македонија се зголемени на 8,8 проценти во март во споредба со истиот период во 2021 година. Како го гледате влијанието на ситуацијата во Украина врз економиите на Западен Балкан, особено кога станува збор за инфлацијата? Дали ЕИБ ја поддржува Украина и другите погодени земји, вклучително и Северна Македонија?

– Како што правилно истакнавте, шокот од војната во Украина главно ќе се пренесе преку повисоките цени на суровините овде во Северна Македонија. Покрај ценовните ефекти, некои земји од Западен Балкан (на пример, Србија, Босна и Херцеговина, но и Северна Македонија) можат дополнително да бидат погодени, бидејќи голем дел од нивната енергетска мешавина се базира на гас, што главно доаѓа од Русија. Друг важен канал е трговијата, каде што иновативните и побрзо растечките фирми најверојатно ќе бидат повеќе погодени. Конечно, приходите од туризмот од Русија се релевантен извор на приход, особено за Црна Гора.

Севкупно, многу е веројатно дека ценовните притисоци ќе бидат поупорни и повисоки од претходно предвидените и затоа би сакала повторно да ја изразам мојата поддршка за политичките мерки што ги штитат најранливите, вклучително и бегалците.

Што се однесува до поддршката на ЕИБ за Украина, развивме пакет за Итен одговор за солидарност со Украина на ЕИБ и одобривме итна финансиска поддршка од 668 милиони евра за украинските власти за да им помогнеме да ги задоволат најитните финансиски потреби. Дополнително, ЕИБ ќе продолжи со понатамошни иницијативи во рамките на овој пакет, вклучително и финансирање на критичните инфраструктурни потреби во Украина и помагање да се обнови сѐ што ќе уништи руската армија. Во исто време, нашите експерти во моментов ги проценуваат и потребите на земјите во соседството на Украина и во ЕУ што ги пречекуваат бегалците од Украина или се погодени од војната на други начини. Банката на ЕУ работи со националните и локалните власти, националните промотивни институции и други договорни страни за да им овозможи итна финансиска и техничка помош на овие земји и региони.

Растот на македонската економија за годинава е проектиран на 4,6 отсто. Каде ги гледате главните предизвици за македонската и економијата на Западен Балкан?

– Во поновите прогнози, Западен Балкан се очекува да порасне за нешто над 3 проценти оваа година, што е значителна надолна ревизија во споредба со предвоените проекции.

Очигледно е дека влијанието на војната, особено нејзината должина и санкциите-контрасанкциите, ќе имаат најистакната улога. Проширен конфликт ќе го поткопа глобалното и регионалното расположение, попречувајќи го закрепнувањето од пандемијата. Зголемената аверзија кон ризик ќе ја намали довербата на потрошувачите, производителите и инвеститорите, погодувајќи ја инвестициската и потрошувачката активност.

Го допревме и изборот со кој би можеле да се соочат централните банки – зголемувањето на инфлацијата и умерениот раст, заедно со потребата од повеќе мерки на фискалната политика во средина на зголемени нивоа на долг. Згора на тоа, мутацијата на вирусот и политичката поларизација се исто така важна грижа за растот на краток рок. Шокот генериран од руската окупација на Украина има потенцијал да му нанесе значаен удар на долгоочекуваното закрепнување по пандемијата и затоа меѓународните финансиски институции и влади треба да бидат подготвени да дејствуваат уште посилно доколку е потребно.

Дали актуелната ситуација ќе влијае на амбициите за имплементација на Зелената агенда во регионот?

– Во ЕИБ, убедени сме дека сегашната криза треба да се гледа како можност за решавање на долгогодишното прашање на климатските промени. Окупацијата на Украина докажа дека заедничките интереси, како што се енергетската и одбранбената безбедност, се земаат здраво за готово. На сличен начин, кризата докажа дека потребата за обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност и технолошки иновации погодни за климата е поклучна од кога било. Како таква, ЕИБ е подготвена да ја поддржи оваа транзиција, вклучително и во Северна Македонија.

ЕИБ има силна посветеност кога станува збор за климатските активности, утврдени во Патоказот на климатската банка издаден во 2020 година. Во 2021 година, 51 процент од нашите сопствени средства беа наменети за проекти за климатски активности и одржливост на животната средина. Исто така, презедовме важни чекори на нашиот Патоказ на климатската банка со одобрување на нашиот План за адаптација и рамка што нè обврзува да им помогнеме на нашите договорни страни да се усогласат со климатскиот договор потпишан во Париз. Во регионот на Западен Балкан, ЕИБ потпиша одржливи инвестиции во вредност од 257 милиони евра минатата година за поддршка на декарбонизацијата и зелената транзиција на регионот.

Во Северна Македонија, ќе продолжиме да го поддржуваме развојот на ефикасна, безбедна и разновидна енергетска мрежа, поодржлива транспортна мрежа и капацитети за отпадни води, како и друга инфраструктура отпорна на климатските промени или којашто придонесува за нивно ублажување како и енергетската ефикасност на приватниот сектор.

На што треба да се фокусира македонската економија во следниот период за да побрзо излезе од кризата? Кои се главните пречки за растот на среден рок?

– Како дел од вежбата што ја направивме заедно со ЕБОР и Светската банка, им го поставивме истото прашање на фирмите од приватниот сектор и дознавме дека големината на неформалниот сектор и слабо образованата работна сила се клучни пречки за Северна Македонија да го постигне нејзиниот потенцијал за раст.

Според наше мислење, стимулирањето инвестиции во паметна и инклузивна инфраструктура и градењето човечки капитал ќе биде од клучно значење за Северна Македонија понатаму да се интегрира во глобалните синџири на вредности. Дигитализацијата на економијата ќе биде исто така важна во овој поглед. Веќе разговаравме за негативните влијанија на пандемијата, но според Анкетата на претпријатијата на ЕИБ-ЕБОР-Светска банка, речиси половина од компаниите во Северна Македонија воведоа нов производ или услуга како одговор на пандемијата, повеќе од регионалниот просек (37 проценти). Зголеменото трошење за истражување и развој и опремување на граѓаните со вистинскиот сет на вештини ќе бидат исто така важни, особено затоа што повеќето фирми се или основни иноватори или усвојувачи во Северна Македонија (околу 80 проценти).

Ова треба да оди рака под рака со правична и широка зелена транзиција. Веќе се осврнавме на ова прашање за енергетската безбедност и зависноста од гас. Транзицијата кон нето-нула општества, исто така, треба да биде фер. Во светло на неодамнешните настани, уште повеќе. Како што најавив при мојата посета во март, работиме на потенцијален нов кредитен капацитет со цел да се насочат средствата до приватни компании преку Банката за развој, како поддршка на зелени инвестиции за заштеда на енергија и обновливи извори на енергија.

Стабилната макроекономска рамка, која Северна Македонија веќе докажа дека може да ја испорача, заедно со формализирање на економијата, за да може приватниот сектор да напредува и ефикасно да ги распределува ресурсите, ќе биде критична за Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

Во април се навршуваат 30 години од осамостојувањето на македонскиот денар. Економијата низ годините помина низ многу кризи, но денарот се покажа како стабилен. Како ја гледате макроекономската стабилност во контекст на влезот во ЕУ и како банката на ЕУ ќе го поддржи овој процес?

– Дозволете ми најпрво да им честитам на властите што постигнаа макроекономска стабилност во последните години. Како што разговаравме, последните години беа особено предизвикувачки и Северна Македонија несомнено постигна значителен напредок и се покажа како сигурен партнер на ЕУ на Западен Балкан.

Очигледно е дека Северна Македонија постигна постојан напредок во забрзувањето на реформите, што е потврдено со добивањето поволни позиции во Светските индикатори за управување, кои се претежно над регионалниот просек. Сепак, земјата би имала значителна корист од структурните реформи, усогласувањето на институционалната рамка со стандардите на ЕУ и зајакнувањето на капацитетите за управување со проекти, што би можело да резултира со повисоки приливи на капитал и подобра деловна клима.

ЕИБ продолжи да ја поддржува земјата со инвестирање 156 милиони евра од почетокот на пандемијата во 2020 година, достигнувајќи околу 1,1 милијарда евра заеми до денес, доделени на сите главни сектори во земјата. Покрај нашата постојана финансиска поддршка, ќе им помогнеме на нашите локални партнери да ја зголемат нивната ефикасност и експертиза за управување со проектите, што значи да ја подобрат нивната способност за пристап до средствата достапни според Економскиот и инвестициски план и другите финансиски инструменти на ЕУ.

Ова е резултат на нашата силна соработка со македонската влада, Националната банка за развој и другите локални институции и нашата посветеност да го забрзаме одржливиот раст.

Во тој контекст, ЕИБ ја коорганизира Конференцијата за истражување на Народната банка чиј домаќин е Народната банка по повод 30 години монетарен суверенитет на Република Северна Македонија. Овој настан на високо ниво ќе ги пречека гувернерите и вицегувернерите на централните банки од регионот и Европа, како и претставниците на меѓународните финансиски организации, научната заедница и банкарскиот сектор. Таму ќе зборуваме за клучните предизвици за регионалните економии – климатската транзиција, економската отпорност, финансиската вклученост, иновациите и постпандемиските приспособувања на политиките, како и импликациите од зголемената неизвесност што произлегува од ескалацијата на геополитичките ризици во Источна Европа. Друго прашање што ќе го опфатиме ќе биде подобрувањето на пристапот до финансии за МСП. Драго ни е што можеме да придонесеме за овој настан и дополнително да ја покажеме нашата посветеност за поддршка на нашите локални партнери.