Партиите со меѓусебни обвинувања за новата цена на струјата
Foto

Партиите со меѓусебни обвинувања за новата цена на струјата

Уште не почната годината и неизгаснати новогодишните светилки, партиите се скараа за струјата. Опозицијата тврди дека не' очекува тешка година на економски план и прогнозираат дека на лето, струјата повторно ќе поскапи. За зголемувањето на цените на струјата и парното прстот го вперија во власта.

А владејачката СДСМ е убедена дека со брза и навремена реакција, Владата спречила драстично покачување на цената на струја. 

А бизнис секторот оценува дека со поскапувањата на површина излегле сите слабости на системот. 

Според претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, енергетската криза освен што го усложни и онака комплицираниот економски амбиент. 

„Без стратегија за енергетскиот сектор, без инвестиции во изминатите 30 години, во услови на лошо менаџирање и висока партизација во целиот изминат период, само го потврди фактот дека без сопствени енергенси или без континуирано и стабилно снабдување од увоз, стопанскиот развој на земјата е доведен под знак прашање“ смета Азески.

Од вчера граѓаните ќе плаќаат струја поскапа за речиси десет отсто, а парното поскапе за 14 отсто. Така на пример, ако досега се плаќало 2.000 денари, од идниот месец сметката за струја ќе биде зголемена за најмалку 190 денари. Освен тоа се укинува и дневната евтина тарифа која важеше од 14 до 16 часот. Што се однесува до парното, на сметка од 2.000 денари зголемувањето ќе биде околу 300 денари. 

Од Регулаторната комисија за енергетика претходно информираа дека по сите анализи и консултации, поскапувањата се неминовни и оправдани и ако не биле другите кратења струјата ќе поскапеше за 25 отсто. 

Што се однесува до зголемувањето на цената на парното од Комисијата велат дека поскапувањето се должи на фактот што цената на гасот на светските берзи бележи раст од 50 отсто, а учествува со 70 отсто во одлуката на крајната цена на парното.

0 Коментари

Остави коментари