Палмер денеска во Приштина, средби со Тачи, студентите и граѓански активисти
Foto

Палмер денеска во Приштина, средби со Тачи, студентите и граѓански активисти

Специјалниот пратеник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Метју Палмер, престојува денеска во Приштина, каде што се очекува да се сретне со челници на косовските институции, а ќе има и обраќање пред студенти и претставници на организациите на граѓанското општество, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кабинетот на косовскиот претседател Хашим Тачи објави синоќа дека тој ќе се сретне со Палмер во претседателскиот кабинет во 13.30 часот, а медиумите најавуваат дека американскиот дипломат ќе има средби и со други државни и политички претставници, иако официјални најави за такви средби засега нема.

Според „Газета Експрес“, Палмер нема да се сретне со лидерот на Движењето Самоопределување (ВВАлбин Курти, кој се очекува да го добие мандатот за состав на новата влада на Косово, откако неговата партија победи на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври. До оваа средба, според приштинскиот портал, нема да дојде, од причина што Курти е надвор од земјата, иако нема инфoрмации каде се наоѓа.

Најавувајќи ја посетата на Палмер, Амбасадата на САД во Приштина вчера објави дека тој ќе има обраќање во Националната библиотека на Косово пред студенти и претставници на невладиниот сектор.

– Заменик-помошникот државен секретар на САД, воедно специјален пратеник на државниот секретар за Западен Балкан, Метју Палмер ќе се обрати на публика составена од студенти и претставници на граѓанското општество. По обраќањето, тој ќе одговара на прашања од таа публика. Настанот е закажан за во 15 часот, во петок, се вели во соопштението на американската амбасада.

 

Американскиот дипломат ќе престојува во Косово по вчерашната еднодневна официјална посета на Северна Македонија.

0 Коментари

Остави коментари