Палмер: Белград и Приштина да се угледаат на Скопје и Атина
Foto

Палмер: Белград и Приштина да се угледаат на Скопје и Атина

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, во своето обраќање на церемонијата по повод 20-годишнината од влегувањето на силите на НАТО во Косово, на косовските и српските лидери им порача да се угледаат на своите колеги од Северна Македонија и Грција, јави дописникот на МИА од Приштина.

Договорот од Преспа за решавање на долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина, Палмер го оцени како „огромен чекор на Грција и Северна Македонија, постигнат благодарение на нивните далекувидни лидери“, премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев.

Американскиот дипломат побара од лидерите на Косово и Србија да го остават настрана минатото и да работат посветено на постигнувањето договор, кој ќе резултира со меѓусебно признавање.

– Треба да се заборават инаетите. САД продолжуваат да го поддржуваат Косово и да го охрабруваат да напредува. Косово и Србија треба да го продолжат дијалогот до меѓусебното признавање на двете држави. Косово и Србија секогаш ќе бидат соседи, изјави Палмер.

Говорејќи за 20-годишнината од влегувањето на НАТО во Косово, Палмер изјави дека е среќен поради интервенцијата на Алијансата, со која, како што рече, беа запрени уништувањата кои ги вршеше тогашниот српски лидер Слободан Милошевиќ.

– НАТО во 1999 година интервенира откако беа исцрпени сите дипломатски средства. Интервенцијата беше последната можност да се запре Милошевиќ во неговата намера да ја уништи оваа земја, изјави Палмер. 

0 Коментари

Остави коментари