Отворен 54. МТФ „Војдан Чернодрински“
Foto

Отворен 54. МТФ „Војдан Чернодрински“

Со доделување на наградите за животно дело и со првата претстава во конкуренцијата, „Макбет“ на МНТ од Скопје, синоќа во Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше отворен 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој годинава се одржува под мотото „Ова е наше време, време е за театар“. Фестивалот го поздрави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, а за отворен го прогласи заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

-Време е да се да си дозволиме уживање со естетиката на говорот, на актерската игра, костимографијата, на сценографијата, сето предводено од режисерската палка. Во храмот на Талија ќе уживаме 8 вечери, ќе ги впиваме храбрите пораки на драматурзите, на сценаристите, изговорени од извонредните актери, мајсторите назанаетот. Сето истовремено е рефлексија на случувањата во општеството. Од ова место извираат безвременски пораки, мудрости, вредности, вткаени во ризницата на нашето богато културно творештво, негувајќи го нашиот културен идентитет. Прилеп ја продолжува традицијата да биде расадник на реномирани театарски имиња, да создава публика со истенчен театарски вкус, давајќи свој придонес во одржувањето на високо поставените критериуми на театарската уметност и на културните вредности, рече Јованоски.

За заменик-министерот, Прилеп по 54-ти пат е нашата најголема театарска арена. Лауреатите, добитници на наградата за животно дело, режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку порачаа дека наградите, многу драги, не ја прекинуваат театарската уметност. 

Музичкиот виртуоз Влатко Стефановски кој пред претставата „Макбет“ приреди воодушевувачки концерт со театарска и филмска музика смета дека театарот и музиката се тесно пшоврзани уметности и секогаш е задоволство да се создава музика за театар и за душа. 

Прилепската публика која има „стаж од 54 години за следење театарски претстави, годинава првпат ќе има можност да гласа и да додели награда за најдобра, според нејзина оцена, претстава. Првите разговори на критиката, пак, за претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир во режија на Нела Витошевиќ се одржуваат денеска од 11 часот. Вечер на програмата на Фестивалот од 19.30 часот е втората претстава „Бакхи-краток преглед на распадот“ според Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица, во изведба на Народниот театар Битола.

0 Коментари

Остави коментари