Отпаднаа Тричковски и Алиоски, дополнително е повикан Костадинов
Foto

Отпаднаа Тричковски и Алиоски, дополнително е повикан Костадинов

Македонската фудбалска репрезентација денеска го имаше првиот собир за претстојните натпревари со Австрија (16 ноември) и со Израел (19 ноември), последни во квалификациите за ЕП 2020. Селекторот Ангеловски за овие дуели нема да може да смета на Езџан Алиоски кој е повреден, а тешко дека ќе може да настапи и Иван Тричковски. Затоа во составот дополнително е повикан Тихомир Костадинов кој игра за Ружомберог. „Велковски и Стефан Ристовски доаѓаат дефинитивно, а тука ќе видиме колку ќе можат. Тука се и Муслиу, Несторовски и Николов кои немаат право да играат на мечот со Австрија поради суспензија. Не размислуваме за повикување на други играчи, се надевам дека Спировски и Велковски ќе може да играат. Дефанзивци фалат, Зајков, Младеновски, Тошевски и Ристевски се играчите од кои може да се направи четворка во одбраната. Адеми паузира поради пукнатина на стапалото. Не смее да има прашање дали има мотив. Секој што ќе го облече дресот на репрезентацијата на било кој меч мора да има мотив“, вели Ангеловски. Македонија ќе влезе во овие натпревари со 11 бода, од третата позиција, без реални шанси за првите две, кои водат на ЕП, сепак со желба, барем да остане таму каде што е. „Трети сме и целта ни е да останеме на тоа место. Сакаме да освоиме што е можно повеќе бодови и да пробаме тактички комбинации за тоа што ни престои во март“, додаде селекторот. Репрезентацијата ќе тренира во Скопје до петок, кога ќе летне за Виена, пред саботниот натпревар.

0 Коментари

Остави коментари