Османи: Ковид 19 убива, со нашето однесување ги убиваме најблиските
Foto

Османи: Ковид 19 убива, со нашето однесување ги убиваме најблиските

Она што го научивме од вирусот е дека ниту една колективна или рестриктивна мерка не е подобра од личната свест и личната заштита на граѓаните. Само доколку секој се грижи за своето здравје и здравјето на своите најблиски, преку многу лесни мерки – носење маска е најлесната мерка што може секој да ја преземе, личната хигиена и однесувањето, се единсвениот начин да се заштитиме. Колективните мерки очигледно не ги даваат резултатите. Овие случаи, овој пик денеска, е резултат на зараза во текот на полицискиот час.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој во улога на Национален координатор на странска помош во земјава, во кругот на Градската општа болница „8 Септември“, ги предаде во употреба респираторите кои како донација ги обезбеди Норвешка.

Тој повтори дека за спречување на ширењето на Ковид-19 се најважни борбата против лажните вести и конспиративните теории, сфаќање сериозно на последиците од болеста и личната заштита и однесување.

– Само доколку сите се однесуваме како да сме позитивни во однос на Ковид и ако контактираме со секој човек како да е позитивен, тоа е најдобриот начин како да се заштитиме. Ниту една колективна мерка, ниту еден полицаец не може да не контролира како се однесуваме дома или на работа. Единствениот начин е да сфатиме дека ова е сериозна болест која убива, дека со нашето однесување ги убиваме најблиските, рече Османи. 

Тој потсети дека научните истражувања покажуваат оти носењето маска до 80 отсто ја намалува трансмисијата на болеста и оти многу малку е потребно за да се спречи оваа нагорна крива на заразата.

0 Коментари

Остави коментари