Османи: Барањето на Србија за екстрадиција на Морина е безпредметно
Foto

Османи: Барањето на Србија за екстрадиција на Морина е безпредметно

Барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот војник на Ослободителната војска на Косово, Томор Морина, кој неколку дена е во притвор во Македонија, е безпредметно, смета вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Вели лично се ангажарал за негово ослободување уште од првиот ден кога Морина, по потерница на Интерпол, беше лишен од слобода на преминот Блаце. Вицепремиерот бара системско решение за овој настан, бидејќи вели не смее конфликт од пред 20 години да ни ги загрози добрососедските односи со Србија или Косово. 

„Потерницата е за српски граѓанин, а ние не ги познаваме тие луѓе дека се спрски граѓани, тоа се граѓани на република Косово, така да тоа е безпредметно. Овој пат, специфично е и дека потерницата не е од српскиот интерпол, туку од централата на Интерпол и затоа нашата држава треба да постапи по сите процедури. Нашиот притисок е до министерството за правда да ја забрза постапката.“ - изјави Бујар Османи - вицепремиер за евроинтеграции.

Османи најави дека во знак на пријателство лично ќе го посети Морина во притвор, а негово ослободување бараат и дел од помалите албански партии во земјава, но и првиот опозиционер во Косово.

Министерството за правда пак, се уште го чека официјалното барање за екстрадиција од Србија, која го бара Морина поради сомнеж за воени злосторства. Додека не заврши постапката, тој ќе остане во притвор, бидејќи неговата жалба со која бараше, во меѓувреме да се брани од слобода, македонскиот суд ја одби.

0 Коментари

Остави коментари