Ослободителна пресуда за Љубе Бошкоски за случајот „Ровер“
Foto

Ослободителна пресуда за Љубе Бошкоски за случајот „Ровер“

Трета среќа за Љубе Бошкоски. По двете казни, прво 12 , па 10 ипол години затвор во случајот Ровер, Бошкоски како поранешен министер за внатрешни е ослободен од делото помагање на убиството на Марјан Тушевски. Сите три пресуди, и осудителните и денешната ослободителна ги донесе истиот судија- Илија Трпков. Образложението за последната пресуда од судот е дека се следени насоките од Апелација, која два пати ги укинуваше осудителните пресуди. Не биле докажани делата на секој обвинет поединечно и нема докази кои ги поврзуваат сите. Ослободени од вина се и Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Според најновата пресуда виновни се само српските државјани Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ, четвртиот Вук Вукичевиќ е ослободен. Обвинителката Лидија Раичевиќ во телефонски разговор за ТВ24 најавува жалба на ослободувањето од вина.

„Ќе поднесам жалба сигурно. Немаше нови докази, нова фактичка состојба очекував друга одлука. Но, прво да ја добијам пресудата на писмено.“ - изјави Лидија Раичевиќ,

Според обвинителството пак, Бошкоски како министер за внатрешни во 2001-ва година му дал одобрување на Коруновски да го лиши од живот Тушевски и му ветил дека ќе го прикрие убиството. Последниот процес со кој е донесена ослободителната прессуда е почнат во 2015-та година. Бошкоски во 2016-та година излезе од затвор откако ја одлежа казната од 5 години за случајот со незаконското финансирање на Кампања. Пред 9 години беше ослободен од обвинението во Хаг за случајот „Љуботен“. Сега е вработен во Владата, како посебен советник за странски инвестиции, а како оштетен се јавува во случајот „Тортура“.

0 Коментари

Остави коментари