Орце Камчев се шета во Банско
Foto

Орце Камчев се шета во Банско

Катица Јанева во притвор, Орце Камчев се шета во Бугарија, а неговиот исказ од Обвинителството кој протече јавно ја разлути власта. Обвинителството потврди дека првата страница од записникот е веродостојна. Но, во неа нема имиња на политичари, се споменува синот на Јанева, Кичеец и двајца бизнисмени. 

Еден од најбогатите Mакедонци при пријавувањето кај Вилма Русковска објаснувал како Боки 13 во неколку наврати му предложил бизнис идеи кои пак тој ги препознал како рекет. 

„На вториот состанок кој беше во мојата канцеларија Бојан Јовановски донесе тип на договор кој беше потпишан од директорот на таа компанија за франшиза, а тоа е синот на обвинителката Катица Јанева. Ми беа побарани 4 милиони евра за know-how за трговскиот и плус одредени проценти кои беа наведени во договорот за кои суми сега не се сеќавам. Јас сфатив дека всушност се работи за фиктивен проект бидејќи освен договорот, не ми беше презентиран бизнис план, што значи целта беше да се земат пари од мене“ - рекол Камчев. 

Што раскажувал Камчев понатаму е енигма. Обвинителството на Русковска истражува како во јавноста излезе записник од предистражна постапка.

„Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката. Во интерес на понатамошното непречено спроведување на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе преземе дејствија за утврдување на фактите како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите“ - велат од Јавното обвинителство.

Дел од медиумите прераскажуваат детали наводно од записникот, но за тоа не е објавена слика. Во нив со коментари се прераскажува и инволвира политичкиот врв на чело со Заев, Шеќеринска, Димитров, кои експресно најавија тужби за клевета. Дел од информациите се и неточни. Се пишува дека судијката Весна Димишкова која е доведена во релација со рекетот го ослободила Заев од „Поткуп“, а вусшност пресудата ја изрече судијата Дарко Тодоровски. 

Во меѓувреме Камчев според информации на ТВ24, извесно време престојува во Бугарија. Дел од медиумите таму пренесуваат дека ужива на јахта во Варна. 

На 15 август новинар од ТВ24 го сретна Камчев во хотелот „Пирин Голф“ во Банско, во друштво на уште еден Македонец, двајца Бугари, во придружба со уште две жени. 

Привремениот пасош кој Катица Јанева му го одобри, а му го даде Кривичниот суд му важи уште нешто повеќе од два месеца. Иако е жртва во „Рекет“, Камчев останува осомничен во „Империја“ за испрани 10 милиони евра. 

Во СЈО стигнуваат информации деновиве дека има финансиски промени поврзани со него. Но рацете на обвинителката Лиле Стефанова се врзани и нема овластување да бара каде е, откако Катица Јанева која е единствен овластен потписник во СЈО, заврши во притвор токму поради злоупотреба на службената положба за случајот „Империја“.

0 Коментари

Остави коментари