Омикрон сојот на коронавирусот веќе е регистриран во Велика Британија, Германија, Италија, Белгија
Foto

Омикрон сојот на коронавирусот веќе е регистриран во Велика Британија, Германија, Италија, Белгија

Велика Британија, Германија и Италија вчера соопштија за случаи со новата Омикрон варијанта на коронавирусот,  додека неколку земји воведоа ограничувања за патувања од Јужна Африка.

Израел соопшти дека ќе им забрани на сите странци да влегуваат во земјата и ќе ја воведе антитерористичката технологија за следење телефони за да спречи ширење на оваа варијанта.

-И двата случаи на Омикрон откриени во Британија се поврзани со патувања во Јужна Африка, изјави британскиот министер за здравство Саџид Џавид.

Британскиот премиер Борис Џонсон најави нови мерки што се однесуваат на построги правила за тестирање за луѓето кои пристигнуваат во земјата и носењето маски во некои области.

-Ќе бараме секој кој ќе влезе во Обединетото кралство да направи ПЦР тест до крајот на вториот ден по пристигнувањето и да се изолира додека не добие негативен резултат, рече Џонсон на прес-конференција.

И Министерството за здравство на германската покраина Баварија потврди дека регистрирало два случаи на оваа варијанта. Двете лица влегле во Германија преку аеродромот во Минхен на 24 ноември пред да биде укината мерката против Јужна Африка и сега се во изолација, соопшти Министерството.

Националниот институт за здравство на Италија соопшти дека случај на новиот сој на вирусот бил откриен во Милано кај лице кое допатувало од Мозамбик.

Чешките здравствени власти, исто така, соопштија дека истражуваат сомнителен случај на оваа варијанта кај лице кое живее во Намибија.

Новиот сој за првпат беше откриен во Јужна Африка, а оттогаш е регистриран и во Белгија, Боцвана, Израел и Хонг Конг.

0 Коментари

Остави коментари