ОЈО го истражува нападот врз полицискиот началник во Чаир

Што точно се случило завчеравечер во кафеана во скопски Чаир? Кој пукал а кој бил пукан? Дали и кои полицајци и високи полициски функционери се вмешани во случајот?

Одговори на овие прашања треба да даде јавното обвинителство кое денеска отвори истрага против 28 годишниот скопјанец Мерван, осомничен дека на 23 мај откако бил запрен од полицијата го нападнал и пукал врз началникот на чаирската полиција, Едмонд Муртезани. 

„Осомничениот најпрвин вербално му се заканил на полицискиот службеник, а потоа го удрил со бокс во раката. Осомничениот извадил и пиштол кој го поседувал без дозвола, го репетирал и го вперил кон оштетениот. Еден од другите присутни полициски службеници му ја оттурнал раката, при што осомничениот испукал еден проектил во воздух, а веднаш потоа бил совладан од присутните полицајци.“ - велат од Јавно обвинителство.

И покрај овие преземени мерки опозицијата смета дека МВР наместо да биде гарант за безбедност, тоа е, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, извор на криминал и пресметки со огнено оружје среде Скопје. Партискиот портпарол, Наум Стоилковски денеска на прес конференција го праша МВР дали е точно дека во престрелката меѓу полициски службеници со функции е вмешан и заменикот - директор на Бирото за јавна безбедност Ариф Асани. 

А од МВР засега молчат за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Од таму денеска за ТВ 24 само кусо коментираа дека полицијата и да сака не може да го скрие инцидентот а впрочем МВР вчера излезе со детали за престрелката. 

„Полицајци стопирале возило со вклучени т.н. флешери. Возачот почнал агресивно да се однесува, а за кратко време на местото на настанот пристигнал и М.Љ. со уште неколкумина кои физички го нападнале полицаецот. Пристигнале и други полицајци кои биле нападнати од групата. М.Љ. испукал од пиштол во воздух, но бил совладан а пиштолот му бил одземен.“ - соопштија од МВР.

Поради ова, обвинителството бара притвор за осомничениот а истрагата се води за „Неовластено изработување, држење и тргување со оружје како и за „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.