Од 100 возила само 2 користат автоплин - вкупно околу 15 милиони во Европа
Foto

Од 100 возила само 2 користат автоплин - вкупно околу 15 милиони во Европа

Околу 15 милиони возила на патиштата во Европа користат ЛПГ-автоплин. На ниво на ЕУ таа бројка изнесува осум милиони возила или 2,3 проценти од вкупниот број возила. Италија е лидер со 2,3 милиони возила со автоплин и со пазарен удел од 6,5 проценти во продажбата на нови возила во 2018 година. Според годишниот извештај на „Ликвид гас Јуроп“ за 2018 година транспортот учествува со 28 проценти во вкупната потрошувачка на плин во Европа.

Во извештајот се наведува дека ЛПГ претставува чисто алтернативно погонско гориво бидејќи речиси нема емисија на црни честички од согорување и има за 23 проценти помал ефект на создавање стакленички гасови од дизелот како алтернативно погонско гориво. Автоплинот е чист и лесно достапен, а во многу земји е значително поевтин од бензинот и дизелот. Според експертите, може да биде краткорочно и среднорочно решение за исполнување на стратегиите за намалување на аерозагадувањето, додека не се зголеми продажбата на возила со 0 емисија.

Во Европа има над 46 илјади бензински станици што продаваат ЛПГ, но сепак патувањето со автомобил на ЛПГ во Европа и регионот бара убаво планирање и подготовки, бидејќи постои голема разлика во цените од една до друга бензинска станица, како и дека не секоја бензинска станица нуди ЛПГ. Дополнително, не сите земји користат ист приклучок, па така освен т.н. италијански диш-адаптер што освен во Италија се користи и во нашата земја и повеќето земји од регионот, постојат и други адаптери, како што се белгискиот акме, холандскиот бајонет или европскиот што го користат Шпанија и делови од Франција.

Според податоците од МВР во 2018 година на територијата на нашата држава биле регистрирани 12.322 возила со ЛПГ како погонско гориво, што претставува само 5,75 проценти од вкупно 214.010 возила со бензиски агрегат или 2,5 проценти од вкупно регистрирани возила. Истовремено, најголем број од регистрираните возила 25.540 биле на дизел, а само 112 на електрична енергија.

Во Европа 2,3 проценти од возилата користат ЛПГ

Извештајот на АЦЕА за транзицијата кон мобилност со 0 емисија од септември 2019 година покажува дека уделот на нови возила со алтернативен погон на ЛПГ или Е85 (етанол) во Европа во 2018 година изнесува 1,1 процент со вкупно продадени 164,310 возила.

За споредба уделот на возила со алтернативен погон на природен гас ЦНГ е 0,4 проценти со продадени 65,092 возила.

Трендот во периодот од 2014 до 2018 година за продажбата на возила со ЛПГ или Е85 во Европа е стабилен со 1,1 процент пазарен удел, додека уделот на возилата со ЦНГ-погон бележи пад од 0,8 проценти на пазарниот удел во 2014 на само 0,4 проценти пазарен удел во 2018 година.

Најголем пазарен удел на возила со ЛПГ имаат во Италија со 6,5 проценти во вкупниот број продадени возила во 2018 година. Потоа следуваат Полска со 1,4 процент пазарен удел, Шпанија со 1,3 процент и Романија со еден процент пазарен удел.

Според последните достапни податоци во 2017 година уделот на возила со ЛПГ во вкупниот број возила на патиштата низ Европа изнесува 2,3 проценти, што е најголем удел од сите алтернативни средства. За споредба, уделот на ЦНГ изнесува 0,4 проценти, додека електричните возила учествуваат со само 0,2, а хибридите 0,6 проценти во вкупниот број возила на патиштата во Европа.

Имаме најевтин автоплин во регионот.

Моменталната цена на автоплинот во нашата земја е 30 денари за литар, што е за два пати поевтино од бензинот, чија моментална цена изнесува 67,5 денари за литар и дизелот со цена од 62,5 денари за литар.

0 Коментари

Остави коментари