Обвинителство вложи жалба на условната во предметот за сообраќајката кај Млечен
Foto

Обвинителство вложи жалба на условната во предметот за сообраќајката кај Млечен

Основното јавно обвинителство Скопје до Апелациониот суд Скопје денеска вложи жалба на изречената првостепена пресуда на Основниот кривичен суд Скопје од 04.09.2020 година со која обвинетиот беше огласен за виновен за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 в врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Обвинителството ја вложи жалбата незадоволно од одлуката за кривичната санкција. Притоа надлежниот јавен обвинител оцени дека при одредувањето на санкцијата, првостепениот суд ставил акцент на олеснителните наспроти отежителните околности, што казната основно и објективно ја прави блага и неадекватна во конкретниот случај.

Судот како олеснителна околност ја ценел слободната волја на изразено признание на вина за предметното кривично дело од страна на обвинетиот, кое придонело за брзо и ефикасно завршување на кривичната постапка, а воедно било и израз на подготвеност на обвинетиот да се соочи со последиците од своето дело. Но, јавниот обвинител смета дека признанието на вина во услови кога обвинетиот несомнено е свесен за доказите против него и за извесноста да се соочи со санкции, само по себе не треба да претставува цел на привилегирање на сторителот, особено кога се работи за кривично дело со несомнено тешки последици. 

Јавниот обвинител предложи Апелациониот суд да изрече построг вид и висина на кривична санкција за обвинетото лице, односно казна затвор, како главна казна.

0 Коментари

Остави коментари