Обвинител го следи случајот во ОХИС и чека извештаи за евентуална кривична одговорност
Foto

Обвинител го следи случајот во ОХИС и чека извештаи за евентуална кривична одговорност

Мострите од излеаната течност во ОХИС ќе бидат пратени во странска лабораторија кога за тоа ќе даде зелено светло Обвинителството. 

Колкава и каква била опасноста и концентрацијата од „метил акрилат мономер“ во околината ќе се знае ако обвинител заклучи дека можно е да е сторено кривично дело со кое е предизвикана опасност. Потоа, примероците ќе патуваат на биохемиска анализа, бидејќи во земјава нема акредитирано лабораторија за тие параметри, велат од МВР, кое ги собра мострите од терен.  

Обвинителството ќе одлучува откако ќе ги добие извештаите од надлежните во кои се наведени сите факти за инцидентот, вели за ТВ24 републичкиот обвинител, Љубомир Јовески 

„Обвинителството го следи случајот и ги чека резултатите од извршениот увид на надлежните институции  и врз основа на тој записник,  и нааодите кои се констатирани ќе  преземе соодветни дејствија“ - вели Јовески.

Што точно се случило и дали се испочитувани протоколите треба да заклучи надзорот кој го прават професори од Штипскиот универзитет. На терен вчера се појавиле самоиницијативно по паниката која настана меѓу граѓаните, вели деканот на Машинскиот факултет во Штип. 

Фотојонизирачкиот детектор утврдил мала концентрација на опасниот „метил акрилат мономер“ само во цевките и резервоарот во кој со години стоела хемикалијата, а не и во кругот на некогашниот хемиски гигант и наоколу. 

„Ќе вршиме увид во документацијата и ќе ја споредиме со реалната состојба на терен.  Ќе проверуваме дали е навистина така како што е напишано во документите. Ние се вклучуваме на барање на судот, кое го добивме пред една недела“ - вели Дејан Мираковски - декан на Машински факултет во Штип.

Излеаната течност е веќе собрана, а надлежните смируваа дека нема простор за паника по вчерашниот увид во ОХИС. 

Од компанијата „ЕКОЦЕНТАР 97“ која е задолжена да го спакува и изнесе хемискиот отпад надвор од Македонија велат не направиле пропуст, а причината за инцидентот ја гледаат во дотраениот вентил кој попуштил.

Вториот човек во Министерството за животна средина најави дека во зависност од заклучокот на извештаите, евентуалните казни ќе бидат највисоки. Од друга страна еко активистите бараат кривична одговорност. 

КЗ предвидува и до пет години затвор за предизвикување општа опасност.

0 Коментари

Остави коментари