Нови „бомби“ за А1 - кој кумувал на незаконското уништување на телевзијата?
Foto

Нови „бомби“ за А1 - кој кумувал на незаконското уништување на телевзијата?

Девет години по затворањето на А1 телевизија, во јавноста се слушнаа првите бомби кои даваат индиции за политичката позадина на затворањето на телевизијата. Пуштени се две бомби со наслов „Вистината за А1“.

Во едната, според тврдењето на објавувачот, се слушаат гласовите на пребеганиот осуденик Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и тогашниот јавен обвинител Љупчо Шврговски, кој е во канцеларијата на тогашниот премиер. Од разговорот се отвора сомнеж дека целта на случајот „Пајажина” не била да се наплатат парите кои наводно ги должи А1, тука затворање на медиумот. 

НГ: Горде, да прашам вака твое мислење со Љупчо Шврговски сме заедно. Нешто си правиме муабет вака за ова со Пајажина. Зошто не се одеше со собирање на парите од сметка што ги должи он?

ЉШ: Ало Горде здраво, еј види знаеш што ми е, мислам сега веке е касно мислам дека кај направивме една грешка во чекори. Ние мислам дека лошо направивме што ги блокиравме тие пари сеа мене не ме прашаа за совет. Ние имавме од управа решение со кое што он беше задолжен да ги плати тие пари, 7 милиони, колку има тамо, евра ли…

ГЈ: ДА ДА ДА, Според управа за јавни проходи.

ЉШ: Епа зошто не го активиравме ние тоа решение, фирмата ќе нема во рок од 45 дена да плати и во стечај ке ја фрлевме

Втората бомба открива разговор помеѓу Драган Павловиќ Латас и тогашниот директор на УЈП, Горан Трајковски.

ГТ: Ма нека се носат…гони гу у п…м…

ДПЛ: Мислам дека треба да има стечај и по закон да им се одземе опремата а на сите други да им се каже дека се навработени и од сабајле да ве нема повеќе тука.

ГТ: Дента се носи решение и сите се без работа. Тоа е по сила на закон. Дента се носи решение и по сила на закон дента се сите без работа.

ДПЛ: Да да..тоа е најдобриот начин.

ДПЛ: Ти кога може да побараш стечај?

ГТ: Уфф, еве сега ги правиме математиките и има различни математики. Најпесимистички е 5 август. Во моментов сме симнати на 15 јули.

ТВ 24 го побара екс директор на УЈП, но тој не одговори на телефонските јавувања и пораки.  

Некогашниот сопственик на А1 Велија Рамковски за тв 24 вели дека со бомбите се докажува тоа што и претходно на сите им било јасно. Дека Груевски ја затвори телевизијата. Рамковски сега бара повторно судење. 

„Овие бомби го покажаа тоа што целиот народ го знаеше, дека Груевски исплете мрежа, пајажина за затворањето на А1. Во затворот, затворениците, службениците, полицајците, немаше некој на кого не му беше јасно дека сме затворени од Груевски. А целта беше, цел тој театар затворање на А1 и од овие раговори баш се гледа тоа негово оркестрирање на целиот тој случај. Јас се надевам дека во овие демократски услови, по падот на Груевски, бараме само повторно судење, чесно судење. Не велам виновен-невин. Сакаме повторно судење каде што ќе може да се види реалната причина за цел тој судски процес“. - изјави Рамковски.

Денеска бевме кај поранешната највлијателна телевизија. Целиот простор е руиниран. Покривот се распаѓа, прозорците искршени, некогашните ТВ студија се целосно уништени. 

По повеќе од 18 година, првата приватна телевизија престана да емитува сигнал на 31 јули 2011 година. Со затворањето на А1 и отворањето на предметот „Пајажина“ без работа останаа 800 луѓе.

0 Коментари

Остави коментари