Нова жртва од коронавирус - почина 40 годишен пациент од Кочани
Foto

Нова жртва од коронавирус - почина 40 годишен пациент од Кочани

Почина 40 годишен маж од Кочани заразен со корона вирус. Станува збор за пациентот кој беше првиот официјално потврден случај со Ковид 19 во оваа општина. Резултатите  дека е болен стигнаа на први април. Смртта ја потврди и кочанскиот градоначалник кој вели дека поради тоа што семејството е во изолација побарало помош од општината да се организира погребот.

Инаку во Кочани бројот на заболени почна забрзано да расте. За само пет дена  беа потврдени 14 случаи. Според последниот извештај на полицијата тие извршиле контрола кај  27 граѓани со решенија за задолжителна изолација. Поради тоа општинскиот кризен штаб побара од Владата дополнителни мерки слични на Куманово. Целосно да се забрани движењето за викенд и од понеделник до петок од 16 до 5 часот. Истовремено, од штабот побараа јавниот сектор во целата општина да го искористи остатокот од годишниот одмор за 2019 и првиот дел од 2020 година до 31 мај. Бидејќи не можат да откриваат медицински податоци од општинскиот кризен штаб со соопштение побараа заболените сами да се објават.

„Заразените сами да го соопштат тоа јавно, за да знаат лицата кои дошле во контакт со нив, што да прават понатаму. Во тоа нема ништо срамно, напротив, е многу солидарно. Со тоа ќе се избегнат жигосувањата и шпекулациите. Со точни информации и соодветни мерки, заразата полесно се совладува“, пишуваат од кочанскиот Кризен штаб.

Се уште нема официјална потврда за нови случаи, но кочанските епидемиолози чекаат резултати за 56 брисеви. Во оваа општина има три жаришта на вирусот. Кочани, каде досега сите случаи се поврзани со починатиот маж, а другите се во Зрновци и Подлог. До пладне на штипското инфективно одделение беа хоспитализирани двајца пациенти од Кочани со потврден Ковид 19. Со потврден вирус и средна клиничка слика се и две лица од Штип, додека непотврдени случаи но со симптоми на вирусот има четири пациенти.

 

0 Коментари

Остави коментари