Нова трилатерална средба на лидерите од Западен Балкан - Заев, Вучиќ и Рама
Foto

Нова трилатерална средба на лидерите од Западен Балкан - Заев, Вучиќ и Рама

Со посебен сообраќаен режим и високо полициско обезбедување, Охрид ги пречекува лидерите на Западен Балкан, премиерот Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Албанија, Еди Рама кои утре на охридското крајбрежје ќе ја одржат работната трилатерална средба на која ќе присуствуваат и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора, Драгица Секулиќ.

Од СВР информираат дека безбедноста во градот е на највисоко ниво, се отстрануваат сите паркирани возила од дел од сообраќајниците во градот, а за време на одржувањето на состаноците целосно ќе биде забрането запирање и паркирање возила на паркинг-местата на булеварот „Туристичка”.

На маса заеднички токму во Охрид тројцата политичари ќе ги продолжат разговорите за „мал Шенген“ започнати во Нови Сад околу укинувањето на бариерите за слободен проток на стока, услуги, луѓе и капитал.

По првичната трилатерална средба, лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија ветија во заедничка Декларација за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал во Западен Балкан дека ќе работат на подобрување на регионалната соработка со цел зголемување на економскиот раст, привлекување инвестиции и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните.

Според најавите по средбата ќе следи пленарна сесија на лидерите со претставници на меѓународни организации и институции, меѓу кои, Европска банка за обнова и развој, Регионален совет за соработка, Европска комисија, Светска банка и Европска инвестициона банка. 

По работните состаноци најавена е и заедничка прес-конференција закажана за утре точно на пладне.

0 Коментари

Остави коментари