Независниот синдикат на полицијата обвинува за мобинг, уцени и закани од страна на раководството, МВР демантира
Foto

Независниот синдикат на полицијата обвинува за мобинг, уцени и закани од страна на раководството, МВР демантира

Притисоци, неосновани постапки против претставници на Независниот синдикат на полицијата, мобинг, уцени и закани се само дел од постапките на највисоките структури во МВР кон членови на Независниот синдикат и останати припадници на полицијата тврдат од таму. На денешниот прес, потенцираа дека ваквите постапки на челници на МВР кон нив биле поради синдикални активности на синдикатот во обид да си ги бараат сопствените права, а за кои често им биле нарушени. 

Од Независниот синдикат потенцираа дека поради желби на одредени структури во МВР, нивното раководство се соочува со закани за суспендирање и откажување на договорот за работа, односно отказ, а додека ресорниот министер Оливер Спасовски тоа го дозволувал. 

„Министре, Генералниот секретар на НСП кој претходно како што сте известени писмено неколкупати, се соочуваше со невиден притисок од највисоките структури како негови претпоставени, од пред неколку дена спротивно на сите правила и прописи во МВР е разрешен од позицијата Командир на ПС-ОН Велес. Господине министер, на македонската јавност да и одговорите зошто најголем дел од претседателите на синдикални подружници и синдикални организации ги разменувате незаконски од нивните работни места?“ - вели портпаролот на Независниот синдикат на полицијата, Дејан Саздов. 

Разрешениот Командир на ПС Велес, Коцевски Орце појаснува дека началникот во СВР-Велес наредил решението да му биде доставено во период кога Коцевски бил на боледување и годишен одмор, за што смета дека прекршени се сите прописи и процедури за негово разрешување. 

Обвинувањата на Независниот полициски синдикат кон МВР се насочени и кон непочитувањето на колективниот договор како и непочитување на членот 212 од Законот за работни односи со кои се регулираaт условите за определување на репрезентативност на синдикатот. 

Од МВР ги отфрлија ваквите обвинувања со следново образложение:

„МВР е отворено за соработка со синдикатите, како Македонскиот полициски синдикат, така и Независниот синдикат, а во корист на вработените во МВР и оттаму ги отфрламе наводите изнесени од Независниот синдикат за наводни незаконити прераспоредувања. Напротив, со овој, како и со другиот синдикат остварени се бројни средби во насока на подобрување на условите за работа на полициските службеници, а тоа ќе го правиме и во иднина“ - велат од МВР. 

Од Независниот синдикат возвратија со барање директно кон министерот Спасовски од кого бараат да го изнесе во јавноста решението за репрезентативност на Македонскиот полициски синдикат и според кој закон. Побараа трудовиот инспекторат и Јавното обвинителство да се позанимава со овие прераспределување во полицијата, да се спроведе ревизија и истрага на сите досегашни решенија за прераспределување и унапредување во МВР донесени од страна на актуелното раководство, за како што велат од Независниот синдикат да се врати достоинството во полицијата.

0 Коментари

Остави коментари