Невработен медицински персонал ќе добие понуда за работа во Ковид центрите
Foto

Невработен медицински персонал ќе добие понуда за работа во Ковид центрите

Сите медицински сестри, доктори и техничари кои се на списокот на невработени на Агенцијата за вработување ќе добијат понуда од Mинистерството за здравство да работат во КОВИД центрите низ државата, откако ТВ 24 објави дека повеќе од 2.000 лица од областа на медицината чекаат вработување, во услови на епидемија кога јавното здравство кубури со кадар и е на работ на колапс. 

„По барање на министерот за здравство д-р Венко Филипче, вчера Агенцијата за вработување до Министерството за здравство, достави информации за невработени лекари, медицински сестри и друг здравствен персонал, на кои ќе им биде понудено вработување во ковид центрите низ државата“ - велат од Министерство за здраство.

Од денеска пак четириесетте медицински сестри кои беа ангажирани на определено време во Здравствен дом - Скопје се враќаат на работа. 

Од Министерството за здравство не одговорија конкретно на нашето прашање зошто договорите за работа на здравствените работници не им се трансформирани на неопределено време на сите здравствени работници – ветување што беше дадено од министерот Филипче уште пред една година. 

Вo однос на приватните специјализанти пак кои деновиве реагираа до министерот Филипче поради тоа што работат во КОВИД центрите, а самите немаат здравствено осигурување, од Министерството за ТВ 24 тврдат дека и тие добиле понуда за вработување. 

„Дополнително понуда за вработување добија и младите приватни специјализанти кои минатата недела остварија работен состанок со министерот Филипче. Тие веднаш прифатија да бидат ангажирани во ковид центрите на интерните клиники, како волонтери додека трае постапката за вработување“ - велат од Министерство за здравство.

Минатата недела министерот се сретнал и со претставници на група лиценцирани лекари кои преку социјалните мрежи алармираа дека се невработени. Иако беше најавено дека се работи за 50 лекари, желба за работа изразиле само 15-тина.

0 Коментари

Остави коментари