НЕИЗВЕСНО Е КОГА СТРУШКАТА БОЛНИЦА ЌЕ ДОБИЕ НОВ ПОКРИВ
Foto

НЕИЗВЕСНО Е КОГА СТРУШКАТА БОЛНИЦА ЌЕ ДОБИЕ НОВ ПОКРИВ

Лошата состојба и прокиснувањето на кровот во струшката болница за дијализа ја шокираше јавноста, но ги активираше и вжешти локалните партиските препукувања. Откако вчера тв 24 го објави прилогот за нехуманите услови во болницата, на терен излезе заменик министерот за здравство, Асим Муса кој најави дека во следните денови ќе биде распишан тендерот за реконструкција на кровот.

- „Проектот за реконструкција на покривот е изработен во времето кога јас бев директор на болницата, но поради изборите беше пролонгиран. Во следните денови ќе биде распишан нов тендер, а освен покривот ќе се менуваат и вратите, прозорите, подовите, ќе се реконструираат салите“ - вели Асим Муса, заменик министер за здравство.

Но Муса ова го најави и во јули минатата година, па наместо нов покрив кратерите на стариот од ден во ден стануваа се поголеми. Дали овојпат навистина ќе успее тендерот и конечно ќе се случи санацијата останува енигма!?

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека ова е уште една лага со која се манипулираат пациентите и граѓаните и бараат оставка од заменик-министерот.

- „Заменик министерот Асим Муса уште пред една година ветуваше дека ќе распише тендер за реконструкција на покривот. Но, повторно ништо од празните ветувања на Владата предводена од СДСМ! Требаше вашата потпретседателка, Шекеринска да ја однесете во Заводот за нефрологија за да види во колку нечовечки услови се згрижени нашите сограѓани, а не, на маалска средба со партиски војници! Што друго би ви кажале, освен дека „БЛЕСКАТЕ" на сите полиња.Се прашуваме, колку треба да сте нечовечни за да дозволите ваква мизерија и голгота да преживуваат пациентите! Со ова веќе го пробивте дното! Оставка веднаш!”- обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

Институционална одговорност бараат и од Алијанса на Албанците.

- „Овде треба да има институционална одговорност посебно од Министерот за здравство, Асим Муса кој беше директор на оваа болница. Лично дојдов и се уверив дека иако е ветено до денес не е направено ништо. За 35 години од кога постои оваа болница, ништо не е инвестирано посебно алармантна е состојбата во последните години кои директор беше сегашниот заменик министер за здравство со неговите празни ветувања"- вели Имер Имер од Алијанса на албанците

Сегашниот в.д директор Попоски вели не е време за партиски препукувања, тука за брза интервенција. Кровот е во лоша состојба цели 15 години, а не од вчера.

Во оваа болница се лекуваат околу 300 пациенти од цела држава, но и од соседна Албанија. На болничкото одделение кое прокисна беа сместени 10 пациенти кои завчера доцна во ноќта беа итно префрлени на други оддели.

0 Коментари

Остави коментари