Неготинци против регионална депонија кај Криволак
Foto

Неготинци против регионална депонија кај Криволак

Не за регионална депонија на Криволак. Неготинските екологисти се против изградбата на ваков капацитет, на место во близина на заштитено подрачје. Тие денеска почнаа иницијатива за собирање потписи, за да се распише референдум, на кој граѓаните на Неготино ќе се изјаснат, дали сакаат регионална депонија на неопасен отпад во нивната општина.

Екологистите се сомневаат дека на оваа депонија ќе се складира неопасен отпад. Велат дека списокот на отпадни материи кои ќе се одложуваат тука е голем, така што граѓаните се загрижени дека приватниот инвеститор ќе увезува отпад и од други држави. За нив, отворањето регионална депонија ќе ја уништи можноста за развој на туризам во единственото заштитено подрачје во општина Неготино.

Дел од граѓаните на Неготино не се информирани за иницијативата за градење регионална депонија, но оние кои знаат за неа, се против нејзина изградба.

Проектот за депонијата е стар 10 години и е од времето на претходната власт, тврди градоначалникот на Неготино Тони Делков. Вели дека никогаш нема да дозволи да се гради депонија каде ќе се третира опасен отпад донесен од други држави. Најави став на општината за неколку дена.

Во меѓувреме, екологистите бараат и поништување на одлуката донесена од Советот на општина Неготино за изградба на депонија за индустриски инертен и неопасен отпад на Криволак. Таква одлука веќе донел Советот на општина Гевгелија, како општина која е засегната од истата депонија.

0 Коментари

Остави коментари