Недела на надминати политички искушенија во Македонија и Грција, претстојат нови
Foto

Недела на надминати политички искушенија во Македонија и Грција, претстојат нови

Донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и објавувањето во Службен весник на Законот за јазици и Спогодбата за решавање на спорот за името со Грција без потписот од претседателот на државата беа настаните кои политички ја одбележаа неделава што измина.

По повеќемесечно натегање пратениците од власта и од опозицијата успеаја да постигнат компромис и по скратена постапка го донесоа новиот антикорупциски закон, со кој се отвора патот за формирање на новиот состав на Комисијата. Власта прифати 20 од 40 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ со што беше обезбедена поддршка од две третини, односно од 81 пратеници.

Силно регулативно тело во областа на борбата против корупцијата е повеќе од потребно со оглед на тоа што борбата против организираниот криминал и корупцијата е сферата во која најмногу треба да се направи во контекст на очекувањето Македонија напролет да добие позитивен извештај од Европската комисија за отпочнување преговори. Новиот состав на Антикорупциска е потребен и пред претстојните претседателски избори, чиј прв круг спикерот на Собранието Талат Џафери го најави за 21 април, а вториот за 5 мај.

Законот за јазиците, пак и натаму ги бранува состојбите по изнесените различни ставови на власта и на опозицијата во однос на процедурата како е донесен законот и во однос на неговата применливост.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта спроведува целосна двојазичност и оти Албанци ќе се вработуваат и во општини каде нема граѓани кои го зборуваат албанскиот јазик. Сметаат дека законот е штетен и ќе предизвика далекусежни последици по Република Македонија, дека е донесен насилнички и недемократски. Поднесоа и кривични пријави против претседателот на Парламентот Талат Џафери, Неџбели Ибраими и Мартин Костовски, поради основано сомнение дека извршиле кривични дела „Злоупотреба на службената должност и овластување“ по член 353, „Злосторничко здружување“ по чл.394 и „Саботажа“ по чл.315 од КЗ.

– Законот за двојазичност во Службен весник е пратен само со потпис на Талат Џафери, што е правен преседан и целосно безаконие, бидејќи уставот стриктно пропишува дека указ за прогласување на закон не може да биде спроведен без потпис на претседателот на Република Македонија. Џафери не можел и не смеел да го испрати законот за објавување, а Ибраими, во својство на техничка служба немал никакво овластување да потпише. Костовски е одговорен бидејќи не смеел да објави указ за прогласување на закон без потпис на Претседателот, изјави генералниот секретар на партијата Игор Јанушев.

Тој најави дека во процес на подготовка е и поднесокот до Уставниот суд кој во понеделник ќе го процесуираат, а со кој ќе побараат испитување на уставноста на законот за двојазичност, но истовремено и изрекување времена мерка за стопирање на имплементацијата на законот.

Од СДСМ пак оценија дека залудни се обидите на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ преку неосновани кривични пријави да го блокираат напредокот на државата и градењето на едно општество, концепт кој, велат, доби огромна поддршка од мнозинството граѓани.

– Законот за употреба на јазиците ја регулира употребата на албанскиот јазик кој во Македонија е втор официјален јазик уште со амандманите на Уставот од 2001 година и истиот не влијае на употребата и заштитата на македонскиот јазик. Македонскиот јазик е заштитен и обезбеден засекогаш, тој е прв официјален јазик во Македонија, сега и меѓународно признат и ќе се употребува во најголемите западни сојузи како што се ЕУ и НАТО. Објавувањето на Законот во„Службен весник на РМ“ со потпис на Претседателот на Собранието е единствено поради безобразното прекршување на Уставот од страна на Ѓорѓе Иванов кој е должен да го потпише Указот за прогласување на законот доколку е донесен  по втор пат со потребното мнозинство во Собранието, велат од СДСМ.

Владата исто така излезе со соопштение дека тврдењата на опозициската ВМРО – ДПМНЕ не се точни, бидејќи Законот за употреба на јазиците не предвидува дополнителни вработувања во општините во кои граѓаните на немнозинските заедници се помалку од 20 отсто.

– Законот за употреба на јазиците предвидува формирање Централна агенција којашто ќе ги опслужува општините и другите институции во оние населени места каде што мнозинството граѓани се Македонци. Во тие градови, во случај кога некој граѓанин од албанска, ромска, бошњачка, српска или друга етничка заедница ќе има потреба од комуникација и ќе се обрати на друг јазик, покрај македонскиот, тогаш Централната агенција ќе им излезе пресрет на тие граѓани и ќе ја преведе комуникацијата за потребите на граѓаните коишто се обраќаат, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Од Владата истакнаа дека остануваат цврсто на ставот дека Законот за употреба на јазиците е во интерес на сите граѓани и е во рамки на концептот едно општество еднакво за сите. Со неговата имплементација, велат, ќе се зајакне севкупната социјална стабилност во Република Македонија и ќе придонесе кон зајакнување на интегритетот и економскиот прогрес на земјата.

Напната политичка недела имаше и во соседна Грција. Премиерот Алексис Ципрас со 151 гласа „за“, во гчкиот Парламент доби поддршка за неговата влада, по што вниманието на грчката Влада сега се насочува кон Договорот од Преспа и пратениците кои што би гласале за негова ратификација.

Гласањето помина како што беше очекувано и најавувано. За доверба на владата, освен 145-те пратеници од СИРИЗА,  гласаа четворица независни пратеници и двајца од Независни Грци, односно владата ја поддржаа: министерката за туризам, Елена Кундура, заменик министерот за земјоделство, Василис Кокалис, кои до неодамна беа дел од Независни Грци, заменик министерката за цивилна заштита, Катерина Папакоста, која е независен пратеник, пратениците од Независни Грци, Костас Зурарис и Танасис Папахристопулос, и сега веќе независниот пратеник, а до завчера член на Река, Спирос Данелис.

Има најави дека гласањето за ратификацијата на Договорот од Преспа би можело да се случи во текот на следната седмица, јави дописничката на МИА од Атина.

Договорот од Преспа, прво ќе треба да мине низ надлежните комисии во Парламентот, потоа ќе биде донесен на пленарна седница, по што ќе следи гласањето. Дали ќе биде донесен на една или повеќе комисии, дали ќе има една, две или повеќе седници, ќе одлучи претседателот на Парламентот, заедно со неговите потпретседатели на состанок, за кој МИА неофицијално дознава дека е планиран за понеделник.

Ратификацијата, законски, може да помине и со помалку од 151 глас, потребно е да има мнозинство од присутните пратеници на гласањето, меѓутоа целта на грчката Влада е Договорот од Преспа да се изгласа со апсолутно мнозинство.

Владејачката СИРИЗА има 145 пратеници и сите го поддржуваат Договорот од Преспа, што значи дека на владата и недостигаат уште шест позитивни гласови.

Од шесттемина пратеници кои вчера гласаа за доверба на владата, извесно е дека за Договорот од Преспа, доколку не се случи некое изненадување, ќе гласаат четирворица: заменик-министерката за цивилна заштита Катерина Папакоста, министерката за туризам Елена Кундура, пратеникот од Независни Грци, Танасис Папахристопулос, како и поранешниот член на Река, а сега независен пратеник, Спирос Данелис.

Со тоа бројката достигнува до 149 пратеници. Останува енигма каква ќе биде позицијата на партијата Река која сега брои тројца пратеници и на лидерот на Демократска левица, коалиционата партија во Движење на промена, Танасис Теохаропулос, кој не е исклучено да отстапи од ставот на коалицијата и да гласа „за“.

0 Коментари

Остави коментари