Небулози во дел од учебниците и недостиг на литература во основните училишта
Foto

Небулози во дел од учебниците и недостиг на литература во основните училишта

Контраверзни четива во дел од учебниците и недостиг на книги– ваква е состојбата во основното образование и на средината од првото тромесечие. И дел од спорните учебници за кои беше најавено повлекување со ревизијата што ја започна министерството за образование, се уште се дел од наставните програми.

Министерот Арбер Адеми вели тоа го започнала неговата претходничка и од тоа вели нема остапување. Уверува дека работат на креирање нови програми, а сите што ќе забележат било каква грешка во учебниците ги повика да пријават.

„За било каква дилема за учебниците, можеме да се обратиме како граѓани и до педагошката служба со иницијатива и со конкретен предлог, за да се отстрани некоја грешка. А секако, постапката за одобрување на учебник е утврдена со закон и во рецензенски комисии и поминува низ повеќе филтри еден учебник, за истиот да се одобри. Така што ако се утврди било каква грешка имаме законска постапка грешката или да се корегира или целосно учебникот да се отстрани." - вели Арбер Адеми - министер за образование.

На мета на критики на социјалните мрежи деновиве повторно се најде учебникот по македонски јазик за петто одделение, кој низ годините го будеше револтот кај јавноста, а во кој на необичен начин е прикажан пубертетот.

„Огнен се зачуди. Стрчна на огледалото да си го види пубертетот. Го пипкаше со прстот црвеното мозолче избиено на кожата како зрно леќа, како мала јаготка. Го пофаќаше и се повеќе се возбудуваше. Седна на масата и јадеше лакомо од тортата. Јадеа и сите негови дома и го славеа пубертетот на Огнен.“ - стои во дел од македонските учебници.

Освен овој тип на конструкции, најголем проблем во моментов останува недостигот на учебници. Адеми вината ја префрла на претходната власт, бидејќи вели во последниве пет години немало постапка за печатење на учебници. Уверува дека јавната набавка е завршена, но се уште има процедура. Се чека Бирото на јавни набавки да направи контрола на постапката, да се потпишат договорите со издавачите и дури потоа да почне и печатењето.

0 Коментари

Остави коментари