НБРМ ќе анализира дали ќе треба сите пари да бидат со албански симболи, од министерството за правда велат тоа е завршено
Foto

НБРМ ќе анализира дали ќе треба сите пари да бидат со албански симболи, од министерството за правда велат тоа е завршено

Додека Народната банка почнува со детална анализа за обврската што ја наметнува Законот за јазици и вметнување на албански симболи во македонските пари, Министерството за правда за Телевизија 24 тврди дека тоа е завршена работа. Банкнотите од сто и двесте денари веќе содржат елементи од албанската култура и нема потреба да се прават нови ковани и книжни пари. На двестеденарката се ставени елементи од фасадата на Шарената џамија во Тетово, а на стоденарката има таванска розета во длабока резба од албанска градска куќа во Дебар.

„Сметаме дека одредбата во Законот ја отсликува реалната моментална состојба, односно дека истата е имплементирана“ - велат од Министерството за правда.

Членот 8 од Законот за јазиците предвидува дека книжните и кованите пари, како и поштенските марки да содржат, покрај македонските, и симболи од културното наследство на граѓаните што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните. Од Народната банка велат дека ќе ги почитуваат обврските што им се наметнати со Законот. Веќе прават анализи и ќе се консултираат со предлагачот на Законот за јазици, а тоа е Министерството за правда, дали ќе треба да се менуваат сите пари.

„НБРМ отпочна со детални анализи со цел утврдување какви активности ќе треба да преземе како институција и во кој рок. Во рамки на анализите ќе извршиме и подетални консултации со носителите на законската регулатива. Потсетуваме дека и дел од банкнотите кои сега се во оптек содржат елементи од албанската култура, велат од Народната банка.“ - велат од НБРМ.

Законот за јазиците веќе е испратен во Венецијанската комисија и од таму се чека оценка за неговата уставност. Истовремено Комисијата треба да даде мислење и дали парите ќе бидат напишани на македонкси но и на албански јазик, како што инсистира ДУИ, или ќе остане само со албански симболи. Европските искуства сведочат дека за менувањето на дизајнот и изгледот на парите, потребно е повеќе време и тоа би бил процес што ќе трае најверојатно пет години.

0 Коментари

Остави коментари