Наскоро пресуда за „Крвавиот четврток“ - привршуваат завршните зборови
Foto

Наскоро пресуда за „Крвавиот четврток“ - привршуваат завршните зборови

„Доколку најдете доказ за било какво мое учество, планирање, намера да бидам дел од некакво сценарио за 27 април осудете ме! Не барав амнестија затоа што сум смел, туку дека не сум виновен“ – вака оперскиот пеач Игор Дурловски во своите завршни зборови како обвинет за крвавиот четврток му се обрати на судечкиот совет. Тој се товари дека со своите говори пред собранието ја поттикнувал толпата да го изврши насилниот упад. Дурловски постави неколку прашања на судиите

- Кој е тој потпалувачки говор со кој сум повикувал на рушење на уставниот поредок? Ако е вистина тоа што вели ОЈО, тогаш осудете ме. Сведокот Курто Дудуш рече дека мислел оти ме видел, но не беше сигурен. Овде прв пат го видов. Врз основа на изјава на обвинет, ОЈО ме терети дека сум правел нешто за интерес. Одвратно е тврдењето дека сум бил платен да протестирам. Дали за мене има еден доказ дека сум планирал да се случи 27 април? Нема такво нешто – рече Дурловски.

За разлика од претходните денови кога завршните зборови на првите неколкумина обвинети, меѓу кои и поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков, траеја долго, денес обвинетите беа кратки во завршните зборови. Во 20-тина минути обвинетиот разузнавач Мунир Пепиќ убедуваше дека снимките кои биле презентирани во процесот покажуваат дека не извршил физички напад туку дека во собранието им помагал на повредените во нивното извлекување.

Јане Ченто пак во своите завршни зборови рече дека од страна на одредени полициски и обвинителски структури добил понуда да биде заштитен сведок за крвавиот четврток, а наместо тоа да не биде обвинет во случајот.

- Од МВР и ОЈО ми беше понудено да бидам заштитен сведок за да не бидам гонет кривично. Тоа нема никогаш да го направам. Бевме сведоци како дел од обвинетите и децата ќе си ги продадат за да ги ослободат, рече Ченто.

Краток завршен збор пред судот имаше и обвинетиот Абдулфета Алими, член на собраниското обезбедување, кој пред судот посочи дека на 27 април 2017 бил единствениот Албанец кој бил дел од обезбедувањето во Собранието и им помагал и на Македонците и на Албанците. Обвинетите побараа ослободителни пресуди, бидејќи, како што рекоа доказите кои што обвинителството ги понудило против нив не покажале дека тие сториле терористичко загрозување на уставниот поредок. Од друга страна обвинителката Русковска бараше да се казнат согласно закон, или во овој случај законот предвидел над 10 години затворска казна.

0 Коментари

Остави коментари