На светско ниво проблем со интернетот, може да има и кај нас
Foto

На светско ниво проблем со интернетот, може да има и кај нас

Интернет-корисниците од Европа на одредени сервиси како „Нетфликс“, „Амазон Прајм“, „ЈуТјуб“, но и сите корисници кои ќе гледаат или објавуваат видеа или преноси преку социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм во следниот период од 30-тина дена ќе наидат на проблеми поради намаленост на квалитетот на преносот, од 25 до 30 проценти.

Оваа одлука е донесена од страна на дел од сервисите по препораките на еврокомесарот Тиери Бретон, кој е одговорен за европскиот пазар што опслужува околу 450 милиони корисници. 

Одлуката е последица од појавата на преоптовареност на интернет-мрежата од луѓето кои се во самоизолација или се пренасочени да работат од дома, според препораките за превенција од пандемијата на КОВИД-19. 

Еврокомесарот Бретон посочи дека се наоѓаме во ситуација која е преседан за современото општество.

„Сите заедно - сервисите за преноси и емитување, телекомуникациските оператори и корисниците имаат заедничка одговорност за да преземат чекори и со тоа да обезбедат непречено функционирање на интернетот додека трае борбата против наглото ширење на вирусот“ - вели Тиери Бретон – еврокомесар за домашен пазар.

Од Асоцијацијата на Европските телекомуникациски мрежни оператори советуваат корисниците да користат повеќе повици или кога гледаат видеа, тоа да не биде со висок квалитет, туку да се префрлат на стандардната опција.

„Што се однесува до стандардните мрежни функции, во оваа фаза новите обрасци на користење успешно се контролирани од страна на инженерите. Ги поддржуваме напорите на Европската комисија која се обидува да ги осигура владите на земјите и нивните регулатори да ги имаат на располагање сите потребни алатки за да ги одржуваат мрежите стабилни и сигурно низ целиот континент“ - рече Лизе Фур – генерална директорка на Асоцијацијата ЕТМО.

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Сашо Димитријоски, во изјава за Телевизија 24 вели дека интернет-мрежата во земјата, во моментот е стабилка и покрај зголемената потрошувачка, за која немаат податоци колкава е.

„Во моментот протокот е нормален. Доколку се јави некаков дефект, тогаш постои можност тој потешко да биде отстранет, зашто операторите ги чекаат резервните делови најчесто од Кина и тие доцнат. Немаме податоци за тоа колку е зголемена потрошувачката на Интернетот, откако граѓаните седат дома во изолација“ - порача Сашо Димитријоски – директор на АЕК.

Онлајн-платформите за видео-игри минатата недела веќе регистрирале огромни скокови во бројот на корисници. При анализите се смета дека секој скок на глобалниот пазар ќе има значителни последици врз виталните функции на институциите, пазарот, како и врз останатите дејности кои се клучни во текот на вонредните мерки преземени против КОВИД-19.

0 Коментари

Остави коментари