Мултимедијална изложба на Илина Арсова во НЛБ Галерија
Foto

Мултимедијална изложба на Илина Арсова во НЛБ Галерија

На 6 март, петок, со почеток во 20 часот во изложбениот простор на НЛБ Галеријата, нашата уметница Илина Арсова ќе се претстави пред домашната публика со нејзината најнова самостојна изложба. Се работи за циклусот WHITE кој е производ од двонеделниот престој на Антарктикот и искачувањето на врвот Винсон, како последен чекор од предизвикот 7 врвови на седум континенти, на кој паралелно со уметноста е посветена Илина во последните девет години.

WHITE е комбинација од слики, скици, цртежи, но и мултимедијална практика преку фотографија и видео арт од неколкугодишна изведба на перформансот ZERO. Насловот доаѓа од една поинаква реалност доживеана со последната експедиција на јужниот пол, каде што доминира белината и студенилото во пејзажот. Како што таа вели, да се доживее свет без бои е вистински предизвик и тогаш ги откриваме боите на белината.

„Како дипломиран ликовен уметник-сликар, веќе подолго време ме воодушевува пејзажот и истиот преку разни форми го прикажувам во ликовното дело. Бојата и широката палета често биле дел од моето сликарство сѐ до крајот на 2017-та кога почнав да го растеретувам колоритот на сметка на цртежот. Кај последните дела доаѓа до обратен сликарски процес од слика кон скица, како финален приказ“, вели Арсова.

Поставката ќе опфати и неколку постари цртежи и слики кои се премин од „Дневникот на моите височини“ (2017-2019) кон новосоздадените дела, како и сликата „7 врвови“, работена паралелно со искачувањата кои Илина Арсова ги реализира во последните 5 години.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 20 март, секој работен ден, од 8 до 16 часот.

0 Коментари

Остави коментари