Мизерно е веќе да молиме за нашите основни права, им порачаа на пратениците лицата со попречености
Foto

Мизерно е веќе да молиме за нашите основни права, им порачаа на пратениците лицата со попречености

Знаеме дека ви сме терет, но мизерно е веќе да молиме за нашите основни права, им порачаа лицата со попречености на пратениците, на втората јавна расправа за новиот закон за социјална заштита. Реформа со додаток од 7 000 денари не прифаќаме, едногласни се невладините здруженија.

Ние треба да се движиме, да имаме физикална терапија за да поживееме подолго. Знам дека на државата можеби им сме терет, ама се случува, и јас некогаш бев здрав и одев, летав, меѓутоа се случи тоа што се случи и сега имам потреби.“ - вели Благој СимоновскиЗдружение Мобилност Скопје.

Со износот од 7000 денари овој закон не е прифатлив. Не го прифаќам овој закон.” - вели Ертан Шакир.

Уште еднаш ги потенцираа архитектонските бариери и ефтините ортопедски помагала кои им ги дава државата, а кои велат, ги осудува да живеат во четири ѕида. Родителите на лицата со попречености побараа и во законот да се изедначат нивните права со правата на згрижувачките семејства.

„Дојдовме на маргините за една количка самите да си ја купуваме, еве јас платив 2 000 евра за една количка, затоа што од државата ни се нуди количка од 100 евра која ти е страв да ја извадиш на улица не знаеш дали ќе те издржи.“ - вели Ристо Фотевски.

„Не сакам да бидам жалопојка. Сакам да ме сфатите во суштина како изгледа еден наш ден дома со тие деца. Дали ние треба да одиме на работа и да чекаме 62 години старост, нема ни да дочекаме, до пензија.“ - вели Христина Јакимовска.

На оваа дебата не присуствуваше министерката за труд и социјала, па во името на министерството зборуваше нејзиниот секретар, кој уверува дека со законските измени се зајакнуваат правата на ранливите категории.

Не треба да се осврнуваме на законот со лични примери, бидејќи секогаш може да бара некој право повеќе, треба да бидеме реални и да се фокусираме на тоа што придонесува за заедницата и за општеството, a не за поединци.“ - вели Вангел Тркаљанов – советник во Министерството за труд и социјална политика.

Невладините здруженија и власта се судрија уште пред почетокот на јавната дебата. Здружението Хендикеп плус, застана пред министерството за труд и социјала и обвини дека законот е дискриминирачки, па со одбрана експресно излегоа предлагачите на законот, кои тврдат дека тој одговара на нивните потреби. Невладините ги повикаа пратениците нивните забелешки да ги преточат во амандмани, а доколку законот се усвои ваков каков што е, најавија и протести.

0 Коментари

Остави коментари