Министерството за образование со три сценарија за новата учебна година
Foto

Министерството за образование со три сценарија за новата учебна година

Есенскиот ризичен бран кој го најави министерот Филипче, отвора неколку можни сценарија за почеток на учебната година.

Целосно нормализирање на наставата и враќање на учениците во училишните клупи како пред почетокот на пандемијата, е најпосакуваното сценарио за почеток на учебната година, информираат од МОН.

Оттаму велат дека во опција е и реогранизација на воспитно- образовниот процес преку редуцирање на бројот на ученици во училница, воведување на повеќе смени во училиштата и слично. Но, дали ќе има промени во времетраењето на часовите, не добивме одговор.

Доколку ситуацијата наложи, и од септември постои можност училиштата да останат празни без препознатливите гужви во училишните дворови.

МОН изготви Концепт за развој на систем за далечинско учење, кој би бил применлив не само во кризни ситуации како актуелната предизвикана од појавата и ширењето на вирусот Ковид 19, туку и во секоја друга прилика кога за еден, повеќе или за сите ученици ќе има потреба да се организира далечинско учење доколку не посетуваат настава во училиште, поради било каква причина.

Според последните податоци од МОН обезбедени во текот на кризата со ковид 19, околу 30 000 ученици (од ранливи категории) во Македонија немаат компјутер во домашни услови.

Свесни дека наставата во училниците е незаменлива, од Кабинетот на министерот велат дека далечинското учење беше единствената опција која немаше алтернатива, за да продолжи и заврши учебната година, односно истата да не биде поништена и повторувана од септември.

„Сите училишта организираа далечинско учење и секако дека при креирањето на Концептот за развој на систем за далечинско учење во предвид се земени досегашните искуства на самите училишта, наставниците, учениците, родителите.” - велат од Министерство за образование и наука.

Националната платформа за далечинско учење во објавениот концепт е целосно разработена и објаснета, со тоа што се тргнува од сите елементи кои ќе бидат составен дел од ваквиот начин на учење – Е- распоред, Е-училница, Е-дневник, како и електронска занимална за учениците.

Градинките, училиштата и факултетите се затворени од 10 март, како превентивна мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, а учениците до 10 јуни ја продолжија учебната година преку онлајн настава.

0 Коментари

Остави коментари