Министерството за економија треба да објави јавен повик за аплицирање за дополнителна државна помош за компаниите
Foto

Министерството за економија треба да објави јавен повик за аплицирање за дополнителна државна помош за компаниите

Министерот за економија Крешник Бектеши во средата најави дека ресорното Министерство до денеска ќе го објави јавниот повик за дополнителна државна помош на кој заинтересираните компании ќе можат да аплицираат до 31 јули 2020 година.

Компаниите ќе треба да достават инвестициски план, тековна  состојба на деловниот субјект, биланс на успех за 2019 година, пресметка на аконтациите на данок на добивка за март, април и мај 2020 година и меница.

Бектеши најави дека на приватните компании кои продолжиле да работат за време на коронавирусот и да инвестираат во нивниот раст и развој, подобрување на конкурентноста и модернизација на процесот на производство ќе им бидат достапни 20 милиони евра како дополнителна државна помош за да се зголеми нивната ликвидност и да им се овозможи да започнат нови инвестиции.

Финансиска помош, потенцира министерот, ќе можат да добијат сите компании кои работат во производството, освен компаниите кои се исклучени од ова можност согласно Законот за контрола на државна помош, што во текот на 2020 година имаат во реализација инвестициски проект или, пак, ќе изготват инвестициски проект што треба да се реализра во текот на 2020 и во 2021 година.

– Со Уредбата за разлика од Законот за финансиска поддршка на инвестициите дополнително им се дава можност да добијат средства и на сите компании кои се во дејноста трговија што ќе направат инвестиции во нивните основни средства и во нови објекти. Дополнилтелно им се овозможува и на ИТ компаниите да добијат финансиска поддршка доколку нивните инвестиции се за воспоставување на нова организациска единица за технолошки развој, истражување и развој на ново софтверско или хардверско решение, појасни Бектеши.

Висината на финасиската поддршка ќе изнесува 25 отсто од реализираната инвестиција според инвестицискиот план што ќе го достави апликантот, но не повеќе од 40.000 евра за компании кои во 2019 година оствариле вкупен приход не повисок од еден милион евра, до 100.000 евра за компании кои имале вкупен приход од еден до 10 милиони евра, до 140.000 евра за компании кои оствариле вкупен приход од 10 до 50 милиони евра и 200.000 евра за сите компании кои оствариле вкупен приход  повеќе од 50 милиони евра во 2019 година.

– Компанијата која ќе добие финансиска поддршка има обврска до 31 јануари 2021 година да достави извештај за текот на реализација на инвестицискиот план со докази дека се реализира во рамките на инвестицискиот план за кој е исплатена инвестициската поддршка. Финансиските средства ќе се добијат во моментот кога ќе се аплицира со финансискиот план, а ќе се чека на реализација до крајот на наредната година, посочи Бектеши.

0 Коментари

Остави коментари