Министерството за економија и годинава ќе продолжи со вообичаената поддршка на претпријатијата и домаќинствата
Foto

Министерството за економија и годинава ќе продолжи со вообичаената поддршка на претпријатијата и домаќинствата

Министерството за економија и во 2020 година ќе продолжи со субвенционирањето на приватните претпријатија за подобрување на нивната конкурентност, како и на граѓаните за подобрување на енергетската ефикасност на нивните домови и за заштита на животната средина. За таа намена годинава се издвоени 185 милиони денари.

За годинава е предвидено да се изработат три стратегии и тоа Стратегија за индустриска политика, Бренд стратегија за туризам и Активности за спроведување на стратегијата за општествена одговорност, за што се предвидени 44,13 милиони денари.

Во делот за разни трансфери предвидени се 130,340 милиони денари кои ќе се искористат за субвенции за организирање на манифестации, проекти и во форуми во областа на туризмот, за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, за субвенционирање на општините за изработка на локални стратегии за развој на туризмот, за подобрување на енергетската ефикасност,…

Вкупниот буџет на Министерството за економија во 2020 година е предвидено да изнесува 591 милион денари. Од овие средства за плати и надоместоци за вработените во Министерството, како и за органите во неговиот состав – Геолошки завод, Агенција за енергетика, Агенција за поддршка на претприемништвото, Институт за стандардизација и Институт за акредитација се предвидени 133 милиони денари.

Најмногу ќе се субвенционира енергетиката

Најголем дел од поддршката на Министерството е во делот на енергетиката каде и годинава ќе продолжи поддршката за купување на колекторски системи, за вградување ПВЦ или алуминиумски прозорци и врати, како и за набавка на печи на пелети во домаќинствата и за вградување на плински уреди во возилата, во вкупна вредност од 85 милиони денари.

-Со цел стимулирање на користењето на сончевата енергија од 2007 до 2019 година Министерството за економија успешно ги спроведе активностите за реализација на стимулативните мерки преку надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинства. За реализација на оваа мерка, во буџетот за 2019 година, беа одобрени пет милиони денари. Имајќи го во предвид позитивниот одѕив и интерес кај домаќинствата за оваа стимулативна мерка, истата се предлага и за 2020 година, велат до Министерството.

 

За купување на ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за годинава државата предвидува субвенции во износ од 25 милиони денари со кои ќе се субвенционира 50 отсто од вредноста за набавени и вградени прозорци, но не повеќе од 25.000 денари по корисник.

-Со цел стимулирање на користењето на мерката за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци, на купувачите кои ќе ги купат и вградат во своите домови по денот на објавувањето на јавниот оглас, ќе им се обезбеди поврат на дел од средствата кои ги потрошиле за обезбедување на ПВЦ или алуминиумски прозорци до 50 отсто од нивната вредност, но не повеќе од 25.000 денари, велат од Министерството и додаваат дека граѓаните ќе се субвенционираат се до искористување на предвидените средства во буџетот за оваа намена.

За набавка на печки за греење на пелети во 2020 година се предвидени 30 милиони денари.

-Со овие средства ќе се стимулираат домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени. Субвенции ќе им се доделат на жителите кои ќе купат печки на пелети со кои ќе се заменат старите печки на јаглен, дрва, нафта или мазут, прецизираат од Министерството.

 

За субвенционирање на вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, пак, се предвидени 25 милиони денари.

-Се предвидува да се субвенционира 50 отсто од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност. Со овој износ ќе бидат опфатени над 1.000 возила на годишно ниво. Буџетот за оваа година е зголемен за пет милиони денари, посочуваат од Министерството.

 

За поддршка на домашниот туризам ќе се одвојат 20 милиони денари

Министерството за економија и годинава ќе продолжи со субвенции за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи за што се предвидени 20 милиони денари во буџетот. Ќе се поддржуваат работници со пониски од 15.000 денари.

-За годинава во буџетот се предвидени 20 милиони денари за издавање на потврди за работници со ниски приходи. Лани речиси 1.600 граѓани ја искористија можноста за одмор, велат од Министерството.

 

Повеќе средствата во делот на гасификацијата

Буџетот на Министерството за економија за 2020 година е зголемен за 120 милиони денари согласно барањето  за обезбедување на финансиски средства од Акционерското друштво за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси (НЕР) за изградба на гасоводниот систем во земјава.

 

-Финансиските средства НЕР АД Скопје планира да ги обезбеди преку емисија на хартии од вредност по пат на приватна понуда, прецизираат од Министерството.

За субвенции за приватни претпријатија во буџетот на Министерството се предвидени 36 милиони денари

Приватните претпријатија годинава ќе бидат поддржани со 36 милони денари. Со овие средства, според најавите од Министерството ќе се субвенционираат трошоци на занаетчии за поддршка и развој на занаетчиството и ќе се кофинансираат проекти за развој и поддршка  на малите и средните претпријатија и промоција на претприемништвото.

Покрај тоа, со овие средства е предвидено да се субвенционираат претпријатија со над 50 отстотна сопственост на жени и управувани од жени, како и да се доделува финансиска поддршка за воведување на ХАЛАЛ систем и за реализација на Програмата за заштита на потрошувачите за 2020 година.

Во 2020 година со Закон за енергетска ефикасност

Годинава земјава ќе има и Закон за енергетска ефикасност. Според најавите од Министерството, законското решение во моментов е во собраниска процедура, а ќе почне да се применува по неговото донесување од страна на Собранието.

 

 

-Со новиот Закон за енергетска ефикасност нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија. Уште поважно, новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто. Енергетските контролори и друштвата лиценцирани за вршење на енергетски контроли конечно ќе можат да почнат со работа и со тоа активно да учествуваат во подобрувањето на енергетската ефикасност во нашата држава, велат од Министерството за економија.

0 Коментари

Остави коментари