Министерот Манчевски дел од Светскиот образовен форум во Лондон
Foto

Министерот Манчевски дел од Светскиот образовен форум во Лондон

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува на Светскиот образовен форум што се одржа во Лондон, од 19 до 22 јануари.

На маргините на форумот, министерот Манчевски учествуваше на трибината: „Дигитални вештини: трансформација во една генерација“, на чиишто сесии се разговараше за образованието во 21-от век, за училиштата и современите наставни програми, како и за Берлинскиот процес.

„Зајакнувањето на дигиталните вештини останува постојана реформа во нашите економии и јас сум навистина среќен што можам да кажам дека Северна Македонија спроведува неколку мерки за решавање на ова прашање. На пример, Оперативниот план за активни мерки за вработување и програми и услуги на пазарот на трудот за 2018 година донесе одлични мерки и резултати, а донесениот Оперативен план за 2019 година предвидува поддршка на дополнителни 700.000 евра за обука во областа на ИТ и дигитални вештини. Исто така, се вклучивме во неформални едукативни активности со ученици од основните училишта во земјата, за да зборуваме за сајбер безбедноста и предизвиците околу тоа“, рече министерот Манчевски.

Министерот Манчевски ги посочи меѓународните иницијативи и проекти на ЕУ , како што се проектите во рамки на Хоризонт 2020 во областа на е-инфраструктурите, кои се клучни за поттикнување на отворена наука и овозможување на циркулацијата на знаењето. Исто така, се осврна и на организирањето на Европската недела на кодирање каде учествуваат над 130 училишта од Северна Македонија.

На трибината учествуваше и министерот за образование и наука на Северна Македонија, Арбер Адеми, како и министерката за образование, спорт и млади на Р.Албанија, Беса Шахини, министерот за образование на Србија, Младен Шарчевиќ, министерката за образование и култура на Република Српска, Наталија Тривиќ и министерот за образование на Црна Гора, Дамир Шеховиќ.

0 Коментари

Остави коментари