Министерот Бектеши ќе ги презентира Измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестиции
Foto

Министерот Бектеши ќе ги презентира Измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестиции

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе одржи на прес-конференција во врска со Измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Целта на измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите е забрзано поттикнување на економскиот раст и развој преку поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на економијата и на вработувањата.

Со Законот се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во земјава и претставува шема на помош согласно прописите со кои се уредува контролата на државната помош.

Со овие измени и допонувања на законот се прошируваат видовите на финансиска поддршка и тоа за: за технолошки развој и истражување, поддршка за инвестициони проекти од значаен економски интерес, воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи, поддршка за преземање на претпријатија во потешкотии и конкурентност на пазарот.

Со измените, корисникот на финансиската поддршка има дополнително обврска да ја одржува инвестицијата за период од најмалку пет години по завршување на финансиската помош, со што се обезбедува сериозност и поголема трајност на инвестициите. Во делот на финансиска поддршка за нови вработувања внесено е олеснување, критериумот од 75 проценти е намален на 50 отсто за ново вработени лица во текот на годината за кои се бара да бидат обезбедени и исполнети посебни услови.

Исто така, воспоставувањето и унапредувањето на соработката со добавувачи регистрирани во земјава вредноста на вкупно извршени набавки е зголемена од еден проценти на 10 отсто на производи од добавувачи, што се вградуваат во производот на корисникот на финансиската поддршка во претходната година под услов вкупните набавки од добавувачи да бидат најмалку 7,5 отсто од вкупните набавки на корисникот на финансиска поддршка во претходна година.

За воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување, ќе се проширува листата на оправданите инвестициски трошоци со повеќе нови трошоци (персонални, консултантски, еквивалентни и др.) Воедно, тука, обврската корисникот на финансиска поддршка да го задржи просечниот број на нововработени за исплата на нето плати за период од најмалку три години од последната година за која е исплатена финансиска поддршка е укината.

За преземање на деловни субјекти во потешкотии се додава условот за период од две години од превземањето на деловниот субјект во потешкотии да се отпочне со производството, со што се обезбедува сериозност и поголема ефикасност за реализација на инвестицијата.

Со овие измени и дополни исто така се регулира финансиската поддршка на државјани со постојан и привремен престој во и вон земјава каде се зголемува износот на финансиска поддршка за 15 проценти од оправданите инвестициски трошоци но не повеќе од 1.000.000 евра. Воедно се претставуваат и условите за рамномерен регионален развој со нов член при што дополнителната финансиска поддршка ќе се пресметува како процентуална разлика помеѓу планскиот регион со највисока вредност на БДП по глава на жител и вредноста на БДП по глава на жител на планскиот регион во кој се реализира продуктивната почетна инвестиција. Допрецизирано е и кои субјекти можат, а кои не можат да бидат корисници на финансиска поддршка.

0 Коментари

Остави коментари