МФ: Владата и следната година ќе продолжи да се задолжува
Foto

МФ: Владата и следната година ќе продолжи да се задолжува

Министерството за финансии ќе продолжи со исто темпото да се задолжува и следната 2019 како и годинава. Секој месец ќе се одржуваат по две аукции на државни хартии од вредност, што ќе повлечат вкупно задолжување на домашниот пазар од 300 милиони евра. Но, Македонија следната година ќе се задолжува и во странство. Иако не е во план да се издава еврообврзница, земјата ќе земе кредити од странство во вредност од 400 милиони евра. Министерот вели дека владата го стабилизирала јавниот долг.

„Јавниот долг е ставен под контрола ако во 2016 долгот изнесуваше 48, 6% од бдп, денес на крајот од годината тој изнесува 48,2 % од бдп. Сопрена е онаа брза стапка на раст на долгот.“ - изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.

Но, иако годинава јавниот долг е помал во однос на 2016, тој драстично ќе скокне следната година и ќе стигне до 53.3%. Според фискалната стратегија јавниот долг во 2020 ќе се искачи на 54,5% од БДП, дури потоа ќе почне да паѓа.Тевдовски вели дека со парите од задолжувањето следната година ќе се покрива буџетскиот дефицит.

„Задолжувањето кое е изгласано од страна на Собранието е за покривање на буџетскиот дефицит од 17 милијарди денари кој е намален во однос на 2018 заради нашата стратегија за постепена фискална консолидација.“ - изјави Тевдовски.

Паралалено со задолжувањето, Македонија има за враќање и многу пари. Во 2020 и 2021 треба да се вратат двете еврообврзници издадени 2014 и 2015 година со вкупен износ од 678 милиони евра. Дополнително треба да се врати и втората рата од PBG кредитот од 155 милиони евра.

0 Коментари

Остави коментари