МФ ја зголеми проекцијата за растот на економијата за годинава на 3,2 отсто
Foto

МФ ја зголеми проекцијата за растот на економијата за годинава на 3,2 отсто

Меѓународниот монетарен фонд ја зголеми проекцијата за растот на македонската економија за годинава на 3,2 проценти од БДП, од првично проектираните 3 насто. Во најновиот извештај за следната година ММФ предвидува раст од 3,4 насто, а до 2024 година очекува економијата во земјата да порасне за 3,5 насто.

Но и со овој ваков раст на економијата за годинава ние сме практично после Косово, каде растот ќе оди до 4,2 насто, но и по Србија, каде е планиран раст од 3,5 проценти. Позади нас, пак, по очекуваниот раст се Црна Гора, Албанија и Хрватска, со раст од по три проценти.

Трговската војна меѓу САД и Кина ќе ја забави глобалната економија и растот во 2019 година ќе биде на најниско ниво од финансиската криза 2008/09 година, предупреди ММФ, додавајќи дека изгледите може да се влошат доколку трговските тензии останат нерешени.

Народната банка во свите последни проценки укажува на неповолните ризици од надворешното окружување. Велат дека ги следат трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

„Во однос на најновите макроекономски показатели за домашната економија, растот на БДП во првата половина од годината, според објавените проценети податоци, изнесува 3,6%. За третиот квартал од годината, обемот на расположливи податоци е ограничен. Засега, расположливите високофреквентни показатели за периодот јули ‒ август главно упатуваат на натамошен раст на економската активност.

ММФ ја намали прогнозата за растот на светската економија на три насто, што е 0,2 процентни поени пониска од последната априлска прогноза. Последиците од глобалното трговско превирање веќе се видливи. До 2020 година, најавените трговски тарифи ќе го намалат глобалниот БДП за 0,8 проценти, при што извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, минатата недела посочи дека ова е еднакво на загуба од 700 милијарди американски долари, што, рече таа, е приближно еднаква на целокупната вредност на швајцарската економија.

0 Коментари

Остави коментари