„Метлата“ донесе пет нови министри, Заев покрај премиер стана и министер
Foto

„Метлата“ донесе пет нови министри, Заев покрај премиер стана и министер

„Метлата“, најавена во април по првиот круг претседателски избори, донесе пет нови министри. Најголемо изненадување од реконструкцијата е одлука на Заев во наредниот период, покрај функцијата претседател на Владата, тој да ја врши и функцијата министер за финансии, со што бројот на министри ќе се намали на 24. Не се исклучува можноста Заев да остане на оваа позиција се до следните параламентарни избори. 

Реконструкцијата ќе донесе доктор во културата и банкар во екологијата. Професорот на Медицински факултет Хисни Исмаили е предлог за нов министер за култура на Алтернатива на Африм Гаши.

На испразнетото министерско столче во земјоделие ќе седне Трајан Димковски, кој претходно беше шеф на кабинетот на досегашниот министер Љупчо Николовски. Сегашниот министер за животна средина Садула Дураку треба да ротира во новото Министерство за политички систем.

За нов министер за екологија е предложен Насер Нуредини, инвестициски банкар и финансиски советник за банкарство во Лондон и во Виена. Тој е син на познатиот бизнисмен во Виена со потекло од тетовско Камењаре, Аки Нуредини. Таткото на идниот министер е сопственик на познатиот ресторан „Соле“ во центарот на Виена, што е сврталиште на светскиот оперски џет-сет. За неговиот син, идниот министер за животна средина од ДУИ очекуваат добро да се снајде во екологијата. Нуредини е зет за ќерка на академикот Абдулменав Беџети. Тој со семејството до сега живееше во Виена.

Лидерот на ЛДП Горан Милевски, кој до сега беше пратеник во Собранието, е предложен да влезе во извршната власт како нов министер за локална самоуправа. Но од НДП на Весел Мемеди, кои до сега го држеа ова место, не се согласуваат со ваквиот предлог на Заев. Велат дека тоа министерско место е нивно.

„Министерството за локална самоуправа му припаѓа на коалиционен партнер на Владата, тоа е нашата партија, НДП. Премиерот не може да одлучува без наша согласност и ова Министерство да му го доделува на внатрешен партнер на партијата СДСМ, со кој има внатрешни проблеми, за да ги задоволи неговите коалициони партнери, а на штета на владината коалиција.“

НДП на Весел Мемеди како компензација треба да го добие министерството без ресор што досега го раководоеше Зоран Шапируќ од ЛДП. Вицепремиерот Хазби Лика заминува не само од Секретаријатот за рамковен договор туку и од Владата. Неофицијално, Лика е револтиран од раководството на ДУИ, посебно од Али Ахмети, па е неизвесно дали ќе излезе од партијата или ќе остане да делува внатре како франкција и строг критичар на Ахмети.

Новата метла е ветер и магла за купување време и огромно разочарување, оцени опозициската партија ВМРО- ДПМНЕ. По реконструкција на Владата, премиерот најави дека ќе следуваат и промени во вториот и во третиот ешалон, со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија. Тие ќе бидат избрани, најверајатно следната недела, откако во министерските фотељи ќе седнат новите министри.

0 Коментари

Остави коментари