Меркел во дводневна посета на Атина
Foto

Меркел во дводневна посета на Атина

Под силни безбедносни мерки, но и со протести, главно на левичарски организации и анархистички групи попладнево во дводневна посета на Грција пристигна германската канцеларка Ангела Меркел. Веднаш имаше средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Меркел и се заблагодари на Грција за нејзината улога на Балканот и покрај тешкотиите со кои се соочуваше.
"Беше важно зајакнување на европскиот дух и решеноста да се справите со различни проблеми кои имаа големо значење за Европа, но исто така и за Грција".  изјави Меркел.

„Грција веќе не е земја во криза, туку дел од решението, треба да стане столб на стабилноста во регионот кој страда од дестабилизација и сила која ја промовира потребата за соработка во Југоисточна Европа".  изјави Ципрас.

Утре, Меркел ќе биде примена од грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, а во резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина, утре напладне, Меркел ќе има средба и со лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. Од опозициската Нова Демократија на Меркел ќе ѝ ја повторат позицијата во однос на Договорот од Преспа, дека партијата нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во актуелниот, ниту во следниот парламент. Премиерот Ципрас и министерот за одбрана и коалициски партнер во Владата Панос Каменос ќе одржат средба утре на која ќе разговараат за опстанок на владината коалиција. Ципрас вели дека ако лидерот на Независни Грци се одлучи да ја повлече довербата во Владата, ќе бара гласање за доверба. А, за посетата на Меркел се ангажирани над 2000 полицајци од сите служби на грчката полиција, а соображајот во центарот на Атина е под посебен режим. Со слогани „Меркел непожелна“, „Грција надвор од НАТО, ЕУ и ММФ“, „САД не е потребен“, во центарот на грчката престолнина и пред канцеларијата на ЕУ протестираа левичарски организации, анархистички здруженија и припадници на Златна зора. Тие главно се држеа на мотото дека Меркел доаѓа во Грција да промовира посебни германски интереси на Балканот.

0 Коментари

Остави коментари