Манчестер Сити и Реал Мадрид се најновите четвртфиналисти во фудбалската ЛШ
Foto

Манчестер Сити и Реал Мадрид се најновите четвртфиналисти во фудбалската ЛШ

Екипите на Манчестер Сити и на Реал Мадрид синоќа со победи го заверија влезот во четвртфиналето во Лигата на шампиони (ЛШ), приклучувајќи им се на ПСЖ, Порто, Борусија Дортмунд и Ливерпул, кои веќе обезбедија пласман меѓу осумте најдобри во елитното европско клупско натпреварување.

По триумфот од 2:0 пред три недели на „Пушкаш арена“ во Будимпешта, фудбалерите на Манчестер Сити синоќа со ист резултат на истиот стадион по вторпат ја совладаа Борусија Менхенгладбах, со головите на Кевин Де Брујне (12 минута) и Илкај Гундоган (18).

Победнички печат на пласманот во четвртфиналето стави и Реал Мадрид со триумфот на домашен терен над Аталанта од 3:1, откако шпанскиот првак славеше и на првиот натпревар со 1:0.

Стрелци за „кралскиот клуб“ на реваншот во Мадрид беа Карим Бензема (34), Серхио Рамос (59 од пенал) и Марко Асенсио (85), додека почесниот гол за италијанскиот тим беше дело на Луис Муриел (83).

Преостанатите две четвртфинални места во ЛШ ќе бидат пополнети по денешните реванш дуели Баерн Минхен – Лацио (4:1) и Челзи – Атлетико Мадрид (1:0).

0 Коментари

Остави коментари